Македонија води дипломатија без амбасадори   

Премиерот Заев истакна дека амбасадорското место во НАТО е приоритет. Тој очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат во ноември, декември, а можеби и јануари и февруари.

175

Македонските власти сè уште го кројат списокот на амбасадори за дипломатските претставништва на земјава во странство кои немаат претставник. Во 27 земји, вклучително и во најголемите светски сили и важни дипломатски центри како САД, Русија, Кина, Холандија и Италија, но и во соседните Србија, Албанија, Косово, како и Црна Гора и Хрватска, Македонија нема назначено амбасадор. Во Грција, пак, од Скопје не е испратен ниту вршител на должноста. Иако се очекува земјава да се приклучи кон Северноатлантската алијанса наскоро, по ратификацијата на Протоколот од страна на сите членки, сепак, сè уште останува празно и седиштето на Алијансата во Брисел, како и центрите на Обединетите нации во Женева и Њујорк, кои веќе подолго време функционираат без амбасадор.

Власта претходно го обвинуваше поранешниот претседател Ѓорге Иванов за блокада, но и половина година од стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, консултациите сè уште се во тек.

Единствениот одговор од надлежните институции сè уште е дека процедурата е во тек.

 -По подолго време и испразнети голем број дипломатски места, процесот на упатување амбасадори беше обновен и во важни дипломатски центри беа упатени вкупно 19 кариерни дипломати. Во тек е процесот на консултации со претседателот на Република Северна Македонија и усогласување на потенцијалните кандидати за амбасадори со цел утврдување на најоптимални решенија. Овој процес е во финална фаза, а по завршувањето на истата, ќе се преземат законски утврдените процедурални активности за комплетирање на процесот, се вели во одговорот од Министерството за надворешни работи до весникот Вечер.

Шефот на државата, Стево Пендаровски од летото во неколку наврати истакна дека списокот ќе биде заокружен за брзо.

Премиерот Зоран Заев минатата недела најави дека деновиве ќе разговара со министерот за надворешни работи Никола Димитров да се забрза процесот за пополнување на клучните, како амбасадорското место во НАТО, со оглед на тоа што уште три ратификации ја делат Македонија од полноправното членство – од Франција, Холандија и Шпанија.

Како в.д. на веб-страницата на МНР е наведен Зоран Тодоров. Како можен кандидат се споменува советникот на Заев, Дане Талески, а премиерот од собраниската говорница минатата недела не сакаше да зборува за имиња, но нагласи дека амбасадорот во НАТО е приоритет.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека опозицијата треба да биде консултирана во процесот на пополнување на амбасадорските места, а пратеникот Антонијо Милошоски го праша премиерот да му потврди дали е точно дека Владата има конкретни имиња за четири амбасадорски позиции.

Тој ги спомена Теута Арифи за амбасадор во САД, Дане Талески за мисијата во НАТО, Мишо Докмановиќ за Израел и Сашко Насев за Бугарија, а Заев истакна дека за две од овие имиња се разговара, две воопшто не се споменуваат, но напомена дека приоритет е да се испрати амбасадор во Североатлантската алијанса.

Премиерот Заев истакна дека Владата е посветена на избор на амбасадори за барем половина од непополнетите амбасадорски позиции и нагласи дека таа е во фаза на консултации со претседателот на државата и министерот за надворешни работи.

– Сум слушнал некои од овие имиња. Од овие четири две воопшто не се дискутираат, две се дискутираат, рече Заев и додаде дека е прерано да дава свои ставови, појаснувајќи дека за некои од нив можеби претседателот нема да даде дозвола, а за некои МНР.

Премиерот очекува дел од постапките за нови амбасадори да завршат во ноември, декември, а можеби и јануари и февруари.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, пак, нагласи дека последните десет амбасадори кои излегле по предлог на сегашното раководство на МНР во просек имаат повеќе од 22 години стаж, додека последните десет од претходното раководство имале стаж во просек помалку од три години и истакна дека со новиот закон за МНР ќе се направи обид за драстично подобрување на соодносот меѓу политички дипломати и дипломати од кариера во прилог на вторите.

Република Северна Македонија има вкупно 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 42 се амбасади, осум се постојани мисии и девет се генерални конзулати. Од нив, во моментот непополнети се 23 амбасади и четири постојани мисии, додека сите генерални конзулати се пополнети.