Луцифер стигнува на Балканот: Топлотниот бран од утре ќе ја зафати и Македонија

10084

Топлотниот бран наречен Луцифер, кој зафати поголем дел од Европа, денеска ќе пристигне и на Балканот. Поради екстремните температури и пожарите, Франција, Велика Британија, Португалија и Грција се парализирани со денови.

Од УХМР предупредуваат дека од утре до недела и подрачјето на нашата земја ќе биде под влијание на топол бран и во поголем дел од земјава ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. Дневната температура на места ќе надминува 40 степени, информираат од УХМР. И во Скопското подрачје дневната температура во овие денови ќе биде околу 40 степени.

Топлотниот бран ќе донесе и неповолни временски услови за хроничните пациенти, лицата под терапија, медицинска контрола, метеопатите, особено доколку овие услови траат неколку последователни денови. Поради ваквите временски услови честа е појавата на шумски и други пожари.

Каква е ситуацијата во Европа?

Пожарите во Франција, Грција, Португалија, Шпанија и Хрватска уништија илјадници хектари земја и принудија илјадници жители и туристи да се евакуираат. Ова е втор топлотен бран што погоди делови од Европа во изминатите неколку недели.

Франција се подготвува за врвот на топлотниот бран што ја зафати земјата оваа недела, додека шумските пожари продолжуваат да беснеат низ стариот континент. Синоптичарите издадоа предупредувања за екстремни температури во дури 15 департмани во Франција, вклучително и Жиронд на југозапад, каде пожарите веќе направија хаос.

„Ќе има апокалиптична топлина во одредени области на југозапад“, изјави за АФП, синоптичарот Франсоа Гуран од Метео-Франко. Се очекува температурите низ земјава да бидат над 40 Целзиусови степени.

Во Шпанија, властите пријавија околу 20 шумски пожари кои сè уште беснеат во различни делови на земјата, од југ до Галиција на крајниот северозапад, каде што пожарот уништи околу 4.500 хектари земја.

Цела Португалија е во состојба на готовност поради пожари и покрај благиот пад на температурите, откако неодамна беа измерени 47 степени Целзиусови, што е и рекорд за месец јули.

Пожари беснеат и во Грција и Хрватска, а во Велика Британија е измерена највисоката температура во историјата – 39 степени.