Либискиот суд му ја врати претседателската кандидатура на синот на Гадафи

39

Либиски суд денеска му ја врати официјалната кандидатура за претседател на земјата на Саиф ал Ислам, син на починатиот диктатор Моамер Гадафи, за изборите што треба да се одржат подоцна овој месец, јавија либиските медиуми.

Апелацискиот суд во јужниот либиски град Сабха ја прифати жалбата на Саиф ал Ислам против дисквалификацијата и му дозволи да се врати во изборната трка, објави либиската државна новинска агенција ЛАНА, цитирајќи го неговиот адвокат.

Либиската изборна комисија минатата недела ја отфрли кандидатурата на Саиф ал Ислам Гадафи за претседателските избори закажани на 24 декември,

„Саиф ал Ислам Гадафи е баран од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за ’злосторства против човештвото‘. Тој ја поднесе својата кандидатура на 14 ноември и е еден од 25-те одбиени кандидати“, стоеше во соопштението на Високата изборна комисија (ХНЕК).

ХНЕЦ образложи дека 25-те кандидатури се одбиени врз основа на повеќе законски одредби, како и дописи од државниот правобранител, началникот на криминалистичката полиција и претседателот на Управата за пасоши и државјанства.

Претседателските избори на 24 декември треба да ја означат промена во земјата по хаосот и братоубиствените борби по падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 година.

ХНЕЦ соопшти дека биле поднесени 98 кандидатури, меѓу кои и од две жени.