Лепи мајсторе -Колони пред станиците за технички преглед

2250

Утринава, имаше колони возила пред станиците за технички преглед во земјава. Екипа на ВЕЧЕР денеска беше на пунктот на  АМСМ во Центар. Уште при самото влегување, беа поделени во две ленти, во едната одеа возилата за технички преглед, а во другата – за налепници. Надвор беа поставени масички со барања, кои треба да се пополнат. Потоа се земаа налепниците, кои ги поставуваа контролорите од станицата за технички преглед, под видеонадзор. Лепењето на налепниците одеше брзо

Утринава, во станиците за технички преглед во главниот град пристигнаа налепниците „NМК“ за регистарските таблички. Граѓаните веднаш пристигнаа со своите возила пред најблиските станици за технички преглед. Екипа на весникот ВЕЧЕР беше на пунктот на АМСМ во Центар, каде што затековме колона возила.

Уште при самото влегување, беа поделени во две ленти, во едната одеа возилата за технички преглед, а во другата – за налепници. Надвор беа поставени масички, каде што можеше да се земе барање, кое требаше да се пополни и со кое се земаа налепниците, кои ги поставуваа контролорите во станицата за технички преглед, под видеонадзор. Ставањето на налепниците одеше брзо.

– Најпрвин се зема барање за поставување налепници. Потоа, наш контролор ги лепи налепниците, под видеонадзор – објаснија од станицата за технички преглед на АМСМ во Центар.

Има турканици за налепници и во другите градови во земјава.

Сите регистарски таблички од вторник мора да ја имаат ознаката NМК, а за оние што ја немаат обезбедено, има налепници со кодот, кои треба да се залепат на табличките. Налепниците се бесплатни. Од МВР претходно информираа дека ригорозно ќе санкционираат каква било злоупотреба за какво било наплаќање.

Што се однесува до сообраќајните дозволи, од МВР известија дека тие ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава. За излез од земјава со возило, сообраќајните и возачките  документи без „Северна“ нема да важат.

(А.П.) Фото: (П.С.)