Уривањето на нелегално поставените летни тераси на локали долж улицата „Ленинова“ што започна минатата недела, продолжи и денеска. Градежниот инспектор во општина Центар, Милан Пижула, за весникот „Вечер“ информира дека денеска продолжи уривањето на една тераса на „Ленинова“, а двајца сопственици на локали одлучиле сами да ги отстранат нелегалните објекти.

-По извршениот инспекциски надзор на угостителски објекти на територијата на општина Центар со кој се утврдува легалноста на поставена урбана опрема надвор од деловен објект, општина Центар започна со отстранување на нелегалните тераси на повеќе од 20 објекти, а во процедура се и други извршни решенија по кои општината ќе постапува во наредниот период – велат од општина Центар.

Тие велат дека предмет на отстранување се објектите кај кои е утврдено дека, и покрај немање Одобрение за поставување урбана опрема од Град Скопје, истите ја поставиле опремата и направиле тераси со кои бесправно узурпирале јавен простор.

– На листата објекти кај кои општина Центар во изминатиов период утврдила нерегуларности и во согласност со тоа следува отстранување на терасите се: ресторан „Гурмет“, кафе-бар „Паладиум“, кафе-бар „Кофи Фектори“, гостилница „Сушико“, гостилница „Лантерн“, ресторан „Барака“, кафе-бар „Броз кафе“, гостилница „Фрути ди Маре“, кафе-бар „Деус“, бистро „Правда“, кафе-бар „Нано бар“, гостилница „Бруклински“, гостилница „Булевар“, кафе-бар „Винил“, кафе-бар „Џус Бар“, кафе-бар „Локал 45“ и гостилница „Сквер“ – потенцираат од општината.

Од таму истакнаа дека споменатите објекти по доставено барање до Град Скопје за вршење дејност надвор од својот деловен простор и поставување урбана опрема добиле официјално Решение од Градот со кое нивното барање се одбива. Но и покрај тоа, тие постапиле спротивно од Решението.

– Во согласност со процедурата, инспекциските служби на Општина Центар по извршениот увид, му издаваат на инвеститорот Решение за отстранување на што претходи определен законски рок и можност инвеститорот сам да постапи по Решението. Доколку инвеститорот не го стори тоа, општината со полициска асистенција, ќе го отстрани нелегалниот дел – наведуваат од локалната самоуправа.

По примерот на општина Центар и општина Чаир спроведе акција за отстранување на терасите без дозвола во Старата скопска Чаршија. Градоначалникот Висар Ганиу јавно им се заблагодари на сите бизнисмени кои го испочитуваа законот и сами ги отстранија терасите за кои не поседуваа дозвола. Тој потенцираше дека кон нив нема да биде изречени предвидените законски казни.

Како што соопштија од општината Чаир, иницираната акција ќе продолжи да се реализира,  а градоначалникот Ганиу им гарантира на граѓаните дека никој нема да биде поштеден и над законот.

Рокот за реакција од страна на самите сопственици е пет работни дена. По овој рок, инспекторите и полициските службеници ќе ги отстранат незаконски поставените тераси и за истите ќе бидат изречени соодветните казни.

 (А.П.)