Фудбалскиот свет сеуште е во шок откако Кристијан Ериксен колабираше на терен на мечот меѓу Данска и Финска.

Ериксен колабираше на крајот на првото полувреме и веднаш стана јасно дека нешто не е во ред. Еден од неговите соиграчи му пријде и виде дека изгубил свест, па веднаш ги повика лекарите за да му дадат прва помош.

Лекарите брзо стигнаа до Ериксен и сите беа шокирани кога во ТВ-преносот покажа како се обидуваат да го реанимираат данскиот играч од средниот ред.

Останатите соиграчи застанаа пред Ериксен, така што камерите не можеа да забележат како го оживуваат.

Сето ова траеше десетина минути, а Ериксен потоа на носилки беше изнесен од теренот. Сепак, тој беше свесен и фановите аплаудираа кога видоа дека лекарите успеаја да го спасат.

Ериксен се наоѓа во стабилна состојба и се наоѓа во болницата каде ќе биде тестиран за да се види што не е во ред и зошто дошло до таква ситуација, која можеше да биде кобна по Данецот.

И неговиот агент, Мартин Шутс, даде кратко интервју во кое зборуваше и потврди дека Ериксен е стабилен и може да разговара, што е секако големо олеснување за сите оние кои чекаа информации од Копенхаген.

Сепак, најголемиот херој на Паркен беше капитенот на данската репрезентација, Симон Кјаер, кој реагираше несебично. Кјаер се стрча кон Ериксен и му го извади јазикот од устата и го сврте во правилна позиција се додека не дојдоа лекарите, што секако го спаси својот соиграч.

После тоа, сопругата на Ериксен, Сабрина, со солзи истрча на теренот за да види што се случува, но обезбедувањето не и дозволи да пријде до Ериксен. Во тој момент до неа дојдоа Кјаер и Шмајхел кои и дадоа поддршка на Сабрина и ја тешеа додека да дознае што всушност се случува на теренот. За среќа, Ериксен се разбуди и покажа дека е навистина голем борец и дека не се предава така лесно, со што им олесни на сите љубители на фудбалот.