Јавното претпријатие „Куманово Гас“ оствари добивка од 615.000 денари последниот квартал од претходната година, соопштија од менаџерскиот тим на претпријатието на последната седница.

– Остварената добивка се случува за прв пат по основањето на претпријатието од 2006-та година, што се должи на зголемениот број на приклучоци и испорачаната количина на гас – изјави директорот на „Куманово Гас“, Никола Денковски.

И последниот квартал од тековната година, претпријатието успеало да ја намали загубата за 90 проценти.

Надлежните од претпријатието, информираат дека до крајот на месецов ќе завршат тендерите за избор на компании за ископ и за набавка на мерно-регулациски станици. По завршувањето на тендерските постапки се очекува да почнат градежните активности на терен.

– Очекуваме наскоро да почнеме со ископ во должина од еден километар до општата болница Куманово, како и до улицата „Никола Вапцаров“ во населбата Зелен Рид каде се планирани приклучоци на комплекс станбени згради каде што очекуваме над 100 приклучоци – изјави Денковски.