Кулеба ја повика ЕУ да забрани доаѓање на руски туристи

24

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска ја повика Европската унија да забрани доаѓање на руски туристи, опишувајќи ја мерката како соодветна бидејќи повеќето Руси ја поддржуваат „геноцидната агресорска војна“ на нивната земја против Киев.

– Времето за половични мерки заврши, изјави денеска Кулеба пред вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Прага.

– Само строга и конзистентна политика може да даде резултати, нагласи тој.

Се очекува министрите да се согласат да го суспендираат договорот за визни олеснувања со Москва, што значи дека Русите ќе мора да чекаат подолго и да плаќаат повеќе за визите, додека Унијата најверојатно ќе остане поделена околу целосна забрана за патување во ЕУ.

– Забрана за издавање визи за руски туристи и некои други категории би биле соодветен одговор на геноцидната агресорска војна на Русија во срцето на Европа, која ја поддржува големо мнозинство руски граѓани, рекол Кулеба во изјава за Ројтерс испратена преку е-пошта.

Тој исто така предложи да се започне специјална програма за руските војници кои повеќе не сакаат да се борат во Украина.

„(Порака): Спаси се и замини. Остави го оружјето, предади се на украинските сили и добиј шанса да започнеш нов живот“, рече Кулеба.

– Убеден сум дека вреди да се даде таа понуда, бидејќи дури и еден руски војник да го остави оружјето и да реши да замине, тоа значи спасени украински животи и се поблизок мир, рече Кулеба.