Кривопаланечкиот карате ас Јовановиќ со бронза од Балканското првенство

137

Кривопаланечкиот карате натпреварувач Вукашин Јовановиќ се врати со бронзен медал од Балканското првенство што се одржа викендов во Бања Лука, Република Босна и Херцеговина.
-Балканското првенство во карате за деца од 10 до 13 години беше уште една можност за промоција на Кривопаланечката карате школа. Во составот на државната репрезентација од Карате клубот „Шампион“, Крива Паланка настапија:Вукашин Јовановиќ, Адриан Симоновски, Теа Михаиловска и Леа Стојковска. Вукашин Јовановиќ во исклучително силна конкуренција го освои бронзенот медал во категорија деца 13 години – 45 кг. борби, со освоени четири победи против репрезентативците на Бугарија, Србија, Босна и Хецеговина и Словенија. Добар настап имаа и останатите наши претставници. Теа Михаиловска се бореше во репесажот за трето место, но за жал не успеа да освои медал, информира Стевче Христовски, тренер во КК„Шампион”.
За Вукашин Јовановиќ ова е втор медал од балканските првенства, по освојувањето на сребрениот од пред две години во Истанбул, Турција.
Согласно календарот на Карате федерацијата на Република Северна Македонија и Светската карате федерација во летниот период претстои учество на неколку летни карате кампови во Суто Море, Република Црна Гора, како и настап на Светскиот куп во Умаг, Хрватска.