Швајцарскиот тенисер Роже Федерер, потврди дека нема да учествува на Олимписките игри во Токио, заради проблеми со коленото. Федерер по долгата пауза поради повреда на коленот, се врати сезонава и играше на Ролна Гарос и Вимблдон, каде беше елиминиран во раната фаза и по што одлучи дека не е спремен да настапи на олимпискиот турнир.

-За време на сезоната на тревна подлога, за жал, доживеав мал проблем со коленото и морам да се повлечам од Олимписките игри во Токио. Јас сум крајно разочаран, бидејќи отсекогаш ми било чест да ја претставувам својата земја. Го започнав процесот на заздравување и се надевам дека ќе се вратам на мечевите до крајот на летово. На целиот швајцарски тим му посакувам сè најдобро. Ќе ве поддржам, изјави Федерер.

Роже досега играше на четири  Олимпијади, освои златен медал со Стен Вавринка во 2008 година, а во сингл се закити со сребро во 2012 година.

Претходно, Рафаел Надал се откажа од Летните олимписки игри, додека Новак Ѓоковиќ по освојувањето на Вимблдон, најави дека се уште не ја донел конечната одлука за настап на најголемиот спорстки настан во светот.