И додека македонската јавност е потресена од свирепото убиство на малата Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, се случи ново грозоморно убиство на другата страна од светот. Имено, полицијата во Лас Вегас успеала да ги пронајде посмртните останки на медицинската сестра Маријана Роџерс (23) во пустината Невада и официјално за нејзиното убиство е обвинет 27-годишниот НБА-кошаркар Шанс Команче. Овој висок центар, кој до неодамна беше член на развојниот тим на Сакраменто, е уапсен заедно со својата девојка Сакари Хамден (19) и тамошната полиција излезе со официјално соопштение за настанот.

  • На 7.12.2023 година околу 15:32 часот, две лица влегле во полициска станица да го пријават исчезнувањето на Маријана Роџерс. Во текот на истрагата, било откриено и дека на 5 декември имала средба со својата пријателка Сакари Хамден (19), која го донела и своето момче Шанс Команче (27). Роџерс оттогаш не е видена. Многу рано во истрагата се сомневавме дека се работи за нешто лошо, а по собирањето докази, уапсени се Хамден и Команче за киднапирањето и смртта на Роџерс. Врз основа на доказите собрани по испрашувањето на Хамден и Команче, успеавме да пронајдеме труп во пустинска област во Хендерсон, Невада. Подоцна беше утврдено дека станува збор за Маријана Роџерс – се вели во соопштението на полицијата.

Инаку, овој кошаркар своевремено беше на подготовки и во српски Партизан, на 22 години. Имено, во 2018 година, тогашниот тренер на „црно-белите“, Ненад Чанак, го доведе на подготовки, но по само неколку недели, замина во Шпанија.

Сега, судејќи по сè, неговата кошаркарска кариера е речиси готова и го чека долгогодишна затворска казна.