Корона вирусот излегува од контрола,Филипче чека препорака од СЗО

Додека чекаат препораки од СЗО многу светски и европски аеродроми на своја иницијатива ги активираа термалните камери за подетално следење на вирусот, а на скопскиот аеродром тие засега се во мирување

248

Светот во паника поради појавата на новиот корона вирус што е откриен во Кина и чека  Светската здравствена организација да ги даде препораки што треба да се прави за да се спречи заразата, од која за кратко време заболеа над 500 луѓе, од кои шестмина починаа.

Министерот за здравство Венко Филипче вели и тој имал неофицијални разговори на оваа сериозна тема.

-Ќе видиме какви ќе бидат препораките, контактираме со лица од СЗО. Ќе видиме дали ќе има потреба од некаков скрининг на аеродромите, ќе дознаеме и ќе информираме – вели министерот Филипче.

Во меѓувреме Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека постои голема веројатност новиот корона вирус да се прошири и во други делови на Кина, како и во други земји.

-Во наредните денови може да се очекуваат повеќе случаи во другите делови на Кина, како и во други земји“, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.

Засега во Кина најмногу случаи се забележани во градот Вухан, а се верува дека се проширил од пазарите со морска храна, иако изолирани случаи се регистрирани и во Шангај и во Пекинг. Прв случај на заболено лице од вирусот синоќа беше објавен и во САД, а има заболени и во Јапонија, Хонгконг и во Јужна Кореја.

Многу светски и европски аеродроми на своја иницијатива ги активираа термалните камери за подетално следење на вирусот, а на скопскиот аеродром тие засега се во мирување.

Европа располага со средства како да се спротивстави на ширењето на новиот корона вирус, кој првично е откриен во Кина, изјави професорот Херман Госенс, претставник на европската организација „Припеар“, која работи на спречување на новопојавени епидемии со поддршка на Европската комисија.

Според него, никогаш досега немало толку брз и кохерентен одговор на појавата на нова епидемиска закана.

Госенс истакна дека постои голема опасност пред кинеската Нова година поради очекуваното масовно патување на Кинези и можноста за ширење на вирусот многу полесно.

Кинеските здравствени институции потврдија дека вирусот се пренесува од човек на човек. Досега сепак нема индиции дека се пренесува преку дишни патишта. Клучното прашање е колку бргу вирусот може да премине од заразен врз здрав човек и дали со текот на времето мутира за да се приспособи на организмот на домаќинот.

Првите инфекции потекнуваа од еден пазар за риба и месо во Вухан, кој во меѓувреме е затворен. Корона вирусите се познати од 60 години на минатиот век. Името потекнува од протеинската структура на вирусната обвивка која потсетува на круна. Овие вируси не се невообичаени. Честопати инфекциите се безопасни и минуваат со симптоми слични на грип: треска, кашлица, задишаност, а понекогаш и стомачни проблеми.

Проблемот со овие вируси е што имаат неверојатна моќ на преобразба. При неповолен развој на болеста, овој вирус кај човекот, освен воспаление на бели дробови и отежнато дишење, може да доведе и до смрт.

Корона вирусот е многу сличен на САРС, кој се појави во Кина и Хонгконг во 2002 и 2003 година. Од него починаа најмалку 650 луѓе. Во 2013 година, од корона вирус беше погодена и Саудиска Арабија.

(В.Ма.)