Коронавирусот одзеде 6 животи, Здравство и Обвинителството ќе испитуваат како почина стружанката пред да биде хоспитализирана

Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, уште две лица на Клиниката за инфективни болести починаа во текот на вчерашниот ден, со што вкупната бројка во земјава се искачи на 6 лица со смртен исход. Вкупната бројка, пак, на заразените лица со коронавирус до вчера, до 12 часот, во Македонија достигна 257, а 49 од нив се хоспитализирани на Инфективна

617

Како што расте бројот на заболени лица од ковид-19, кој достигна 257 лица, расте и бројот на починатите лица. Уште две лица на Клиниката за инфективни болести починаа во текот на вчерашниот ден, со што вкупната бројка во земјава се искачи на 6 лица.

Како што појасни министерот Венко Филипче, кај заболените настанале компликации при што едниот пациент е на возраст од 91 година, а другиот на 31 година. Кај младиот пациент настанала клиничка слика што е најкарактеристична за оваа болест, тој бил ставен на машина за вештачко дишење, но и покрај сите напори на медицинскиот тим починал.

Министерот за здравство Филипче потенцира дека лицата со одредени хронични заболувања се во поголем ризик од компликации типични за коронавирусот.

-До нив апелирам да бидат особено внимателни и да ги следат доследно сите препораки за заштита од вирусот, вели министерот Филипче.

Што се однесува за првите симптоми кај заразената 66-годишна жена од Струшко која почина од ковид-19 како четврта жртва во земјава, тие се појавиле четири дена пред да почине, додека чекала да биде хоспитализирана настанала смртта. Заболената имала срцева и хронична белодробна болест и покачен крвен притисок. Со сопругот, кој исто така е позитивен на коронавирусот, во изминатите две недели биле во домашна самоизолација поради контакти со еден од заболените доктори во Дебар непосредно пред воведувањето на кризната состојба.

Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале ден пред да почине. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но пациентката не е примена во болница. Министерот вчера информираше дека директорката веќе е разрешена.

Министерството за здравство најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст. Тоа бара одговор од општата болница во Охрид зошто починатата пациентка не била хоспитализиран.

Ќе има и целосна ревизија на Инфективното одделение, а од болницата најавуваат дека во текот на денешниот ден ќе има одговор што точно се случувало со починатата жена.

За случајот се заинтересира и Основното јавно обвинителство Охрид кое ја истражува смртта на 66-годишната стружанка. Обвинителството по допрен глас отворило предмет за смртта на лице од Струга, жена на возраст од 66 години на која ѝ било дијагностицирано присуство на вирусот COVID 19.

-Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница. Но пациентката и покрај упатувањето, не е примена во болницата, се вели во соопштението на Обвинителството.

Се додава дека Обвинителството ќе преземе дејствија во насока на расчистување на причинско-последичната поврзаност и за утврдување на фактите за евентуално постоење на кривична одговорност.​

Заболени со коронавирус во земјава се 257 лица

Во изминатите 24 часа во Македонија до 12 часот вчера се регистрирани уште 16 нови заразени со коронавирус со што вкупната бројка се искачи на 257 лице.

Како дел од овие бројки се вклучени и пет деца кои се заболени од вирусот и се лекуваат во домашни услови, а две од децата се хоспитализирани.

Вирусот се прошири и во Струга и Битола каде е дијагностициран првиот заболен. Тој е лекар од приватна болница.

Според министерот, во моментов на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 49 лица, а кај две лица се прават тестови за да се потврди дека се заздравени. Кај седум лица клиничката слика е потешка.

Министерот најави дека ќе можат да се прават тестови на Корона 19 и во Поликлиниката Чаир и Млин Балкан.

Според Филипче, сите пациенти што се лекуваат во домашни услови се добри и се под лекарски надзор.

Инаку, сите тестови за ковид-19 на Клиниката за кардиологија се негативни, по сознанието дека еден лекар е заболен од коронавирус.

Од денеска во функција ќе биде ставена и Ветеринарната лабораторија каде ќе се изработуваат уште 30 тестови. Вкупно досега се изработени 2.700 тестови заедно со приватните лаборатории и на Институтот за јавно здравје.

Во мобилна болница ќе се лекуваат 130 пациенти  

Неделава се очекува поставувањето на мобилната болница до Клиниката за инфективни болести. Во неа ќе бидат сместени близу 130 кревети со што капацитетот на Клиниката за инфективни болести ќе се дуплира. Ќе бидат поставени и соодветни тоалети, суви ходници со кои полесно ќе се комуницира.

Како што појасни Филипче, мобилната болница ќе биде поставена на просторот, каде што беа бараките на поранешниот студентски дом „Медицинар“, кои Град Скопје ги урна и го уреди просторот.

– Тоа е мобилната болница која ја користи Армијата. Имавме интензивна комуникација со министерката за одбрана и тие целосно излегоа во пресрет, а понатаму градот Скопје го обезбеди просторот каде таа ќе биде сместена. Сметаме дека треба да биде блиску и да се надополни капацитетот на Инфективната клиника, зашто тука е и експертизата и тука е и можноста да ротираат тимовите. Значи ќе има врски со Клиниката, ќе има и соодветни услови, тоалети, тушеви, и кревети. Капацитетот ќе биде 130 кревети. Сегашниот капацитет на Клиниката е 110 легла. Сметам дека ќе биде сосем доволен и може да се направи и добар распоред согласно клиничката слика на пациентите, објасни министерот Филипче.

Тој додаде дека секогаш се на располагање и другите лекари и медицински сестри од другите клиники и болници, тоа е план што го направиле пред неколку недели и тие можат да помогнат во третманот на пациентите.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, вчера извршија увид во градежните активности за подигнување на монтажната болница. Просторот, со одлична меѓуинституционална соработка бил расчистен во рекорден рок од страна на екипите на Град Скопје, Армијата и нејзината механизација, екипите на ЈП „Улици и патишта“ и инженерите од Проектната единица при Министерството за здравство.

Отворени дополнителни линии за психолошка поддршка за родители и деца

Министерот за здравство Венко Филипче на неговиот фејсбук-профил објави дека се отворени дополнителни линии за психолошка поддршка наменети за родители и самите деца на училишна возраст.

– Од огромно значење е сериозно да ги сфатиме нашата и благосостојбата и менталното здравје на нашите деца и да побараме поддршка. Во соработка со УНИЦЕФ и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија отворени се дополнителни линии за психолошка поддршка наменети за родители и самите деца на училишна возраст, наведе министерот.

Линија за психолошка поддршка за тинејџери и нивните родители – 078/378-729, линија за родители на деца со попреченост – 070/291-574, што функционира од 9:00 до 16:00 часот секој работен ден, и телефонска линија за деца на училишна возраст, родители на деца и предучилишна и училишна возраст – 072/912-676, што работи секој работен ден од 9:00 до 19:00 часот.

(В.Ма.)