„Никогаш нема да ги заборавам првите впечатоци што ги искусив и кога разбрав дека сум во контакт со нешто што ќе има непроценливи и несогледливи последици за човештвото… Тоа што го забележав ме уплаши, како да беше нешто мистериозно, да не речам натприродно. Постепено станав свесен за тоа дека сум првиот што ги слуша поздравите на една планета кон друга…“ – Никола Тесла  (1900 год.)

Сигурно се сеќавате на популарниот холивудски филм „Контакт“ (1997) во кој главниот лик го игра познатата глумица Џуди Фостер. Таа како радио-астроном, која од мали нозе има желба и силна страст да допре до надворешниот свет (космосот), како возрасна личност конечно успева да прими сигнали од истиот. Содржината на филмот, гледано од денешен аспект, ја оценувам како една од најквалитетните филмски обработки на модерниот филм. Секој елемент од филмот и секоја сцена, имаат своја логична основа. Филмот започнува на следниот начин: Џуди, толкувајќи ја улогата на радио-астрономката Еленор во истоимениот филм, добива сигнал од Вега, најсветлата ѕвезда во северната констелација Лира. Тој сигнал, после опсежната анализа на компјутерскиот софтвер кој го поседуваат научниците, открива дека во себе содржи голема тајна! На почетокот, на еден од главните компјутери им се покажува ликот на Адолф Хитлер, каде што држи говор од Берлинскиот стадион, отворајќи ги Олимписките игри во 1936 година. Но, што е тука мистеријата? Таа снимка како сигнал од тој телевизиски пренос, е испратена уште во 1936 година, и сега (1997) Еленор, ја примила назад од ѕвездата Вега. Научниците почнуваат да се прашуваат кој е тој што можел сигналот да го врати назад на планетата Земја од каде што и тргнал пред 61 годинa? И уште повеќе, во тој сигнал кој ритмички го добиваат на компјутерскиот софтвер, инкорпорирана е големата тајна на времето! Станува збор за порака испратена од друга интелигенција (вонземјанска) која во себе содржи инструкции и шема во 3Д како да состават машина за пат низ космосот и времето!

Филмот завршува така што за научната и светска јавност овој експеримент доживува фијаско. Машината со која Еленор требало да патува до Вега, покажува дефект. Еленор со капсулата која се наоѓа во средината на машината, паѓа во водата. Но, што е тука чудното? Таа после тврди дека навистина отпатувала на Вега, и дека разговарала со нејзиниот покоен татко, па дури и опишува како изгледа тамошниот дел од космосот, сѐ уште недопрен за човечката цивилизација. Но, на тоа никој не ѝ верува затоа што не можела да им даде никакви физички докази и никаков аудио и видеозапис.

Според мене, креаторот на филмот на најдобар начин ја кажал вистината за тоа како можеме ние да патуваме низ времето и космосот. А тоа не е начинот за кој ние знаеме сега. Машините со ракетен погон на експлозивна енергија се премногу примитивни и нефункционални за вселенски патувања. Што овој филм сака да ни каже? Тоа е дека патувањето низ космосот, контактот со други светови и интелигенции, не секогаш мора да подразбира и физичко присуство, туку ментално. Нашата свест може да патува низ времето!

За да го разбереме тоа, ние мораме да поставиме нова научна парадигма за тоа што е материјата, што претставува времето како физичка категорија и каде во целата приказна е просторот? Според мојот учител Велимир Абрамовиќ, просторот е конечен, колку и да е голем, а времето е бесконечно и не тече. Дури и Никола Тесла, основачот на радио-астрономијата кој и во свое време испратил таков вид на сигнал уште пред еден век како во филмот „Контакт“, тврдел дека со помош на еден посебен уред испратил сигнал во космосот кој после тоа бил одбиен од планетата Марс, и вратен назад на Земјата. Станува збор за периодот додека ги спроведувал своите научни истражувања во лабораторијата во Колорадо Спрингс (1899). Тој изјавил: „Никогаш нема да ги заборавам првите впечатоци што ги искусив и кога разбрав дека сум во контакт со нешто што ќе има непроценливи и несогледливи последици за човештвото… тоа што го забележав ме уплаши, како да беше нешто мистериозно, да не речам натприродно. Постепено станав свесен за тоа дека сум првиот што ги слуша поздравите на една планета кон друга…“ (1900 год.).

Тесла има две изјави за времето како категорија: „времето не постои“, и „движењето низ просторот создава илузија на времето“, сакајќи да каже дека со тоа што се движиме низ просторот ние имаме илузија дека времето тече, а тоа воопшто не тече. Времето е постојана сегашност.

Она што го подразбираме како пат низ времето со временска машина, тоа би требало да се подразбира како патување низ просторот во нулта време, низ паралелни сегашности/светови, фазно и фреквентно поместени. Што тоа значи? Тоа значи дека секој свет има своја фреквентна вибрација која го држи и одржува во баланс за да не се меша со друг. А просторот е ист. Безброј светови делат ист простор. Само се наоѓаат на различна вибрација. Тоа значи дека, додека го читате овој текст, на местото каде што се наоѓате, во друг паралелен свет можеби се одигрува некој настан, војна или владее апсолутен мир и хармонија. Кога одреден објект од еден свет ќе почне да ја менува својата вибрација и да вибрира фреквентно на фреквенција на која вибрира друг свет, тогаш настанува т.н. тајм шифт/пат низ времето. Тоа е истото она што се случило со Теслиниот Филаделфиски експеримент од 1943 година. Тоа е логично издржано и теоретски и практично возможно да се оствари и докаже. Пред сѐ, тоа и било антиципација на голем број умови низ историјата. А сѐ што човечкиот ум замисли, може и да го оствари!

Д-р Стојан Трошански, автор на книгата „Теслолoгија – Потрага за научната оставина на Никола Тесла“