„Ти се обраќам со голема болка и со неизмерна благодарност за сè што направи за македонскиот театар, за твојата фанатичност во градењето на столбовите на современите македонски театри. За твојата доверба кон многуте генерации театарски дејци кои ги негуваше внимателно за силно да дејствуваат со своето творештво, претставувајќи го македонскиот театар на домашната и светска театарска сцена. Ти се обраќам како на татко, бидејќи ти си таткото на современиот македонски театар“, истакна актерот Ѓорѓи Јолевски на комеморацијата, која денес, во МНТ, се одржа во чест на Ристо Стефановски

„Ристо Стефановски е човекот што го направи македонскиот театар велесила, во Македонија, во Југославија, на Балканот, во Европа и во светот. Слично на неговите современици во светските театарски центри, тој му придаваше на театарот значење на вечерна револуција која трае два до три часа, а театарот наспроти политиката. која мисли дека владее со општеството, е перманентен државен удар од кого последиците можат да бидат позитивни за ослободувањето на актерот и на гледачот од секојдневната насилба на политичкото дејствување против уметноста“, истакна македонскиот драмски писател и дипломат Јордан Плевнеш, во своето писмено обраќање, на комеморацијата во чест на Ристо Стефановски (1928-2022), долгогодишен театарски работник, театролог и театарски историчар, актер и човек кој остави неизбришлива трага во подемот на македонскиот театар. Комеморацијата се одржа денес напладне во Македонскиот народен театар.

Плевнеш потсети и на статистиката на еден математичар и вљубеник во македонскиот театар кој пресметал дека Ристо Стефановски со македонските претстави направил одисеја од сто до 150 илјади километри по планетата земја, поткрепувајќи ја со зборовите на овој голем театарски уметник: „Ако Мирослав Крлежа рекол дека во Македонија и Богородица игра на тапан, таа песна, тој јазик и тој тапан мора да се слушне насекаде во светот“.

За големината на Ристо Стефановски, како човек и професионалец, зборуваа и неговите колеги кои ја имаа таа чест да соработуваат со него и да биде нивна инспирација.

„Еден директор на театар мора да биде повеќе работи: јагула – за да се лизне од рацете на културтрегерите, скијач кој во текот на најкомплицираниот брз слалом ќе умее да ги смени скиите, домаќин – кој ќе знае како со доволно пари, ама пред сè и најчесто како ќе знае со малку пари да ја покрие, открие или сокрие скромноста на театарот и да ја претвори во помпезност, треба да биде мајстор на компромисот и да препознае кога е критичниот момент кога уметноста треба да се сопре или воздржи пред моќта на политиката. Треба да знае кој-што сака или не сака да игра, кој-со кого може, а кој со кого не може, па да ги зближува или да ги конфронтира за ‘мир во куќа’. Еден директор на театар мора да го постави на генералната проба неминовното прашање: ‘Не може ли малку пократко?’ Треба да знае да се воодушеви од игра, да знае да пофали и награди, да ја знае состојбата со материјали во работилниците, ама и до каде е дојден омилениот автор со нарачаниот текст. Еден директор мора да биде спремен да не биде сакан, да биде исклучив дека нашето е најдобро и дека неуспехот на другите компании е наш успех. Еден директор на театар мора да очекува да биде виновен за грешките на другите, а во фалењето да биде заборавен… Да влезе во адаптација на зградата без договор и пари, ама да ја заврши, да отиде со својот театар на фестивал во Јужна Америка наспроти обидите на дел од политиката тоа да го спречи… Треба да ги препознае новите одлични актери и да ги ангажира, да ги стимулира и игра новите драмски писатели, да им даде можност за работа на младите режисери и да биде отворен кон уметниците од странство. Ристе Стефановски беше сето тоа и уште многу повеќе“. Со овие зборови, кои ги прочита актерот Борче Начев, режисерот Слободан Унковски се прости од Стефановски. Како што истакна Унковски, историјата во Драмскиот театар е силно врзана со историјата на Македонскиот народен театар. „Голема беше неговата мотивација да направи театар. По професија глумец, подоцна заврши продукција, со типична дебармаалска енергија – постојано скептичен кон званичната политика и било каков знак на државна уметност, тој постоеше и делуваше наспроти сè. Пред сè наспроти бранот на успиеност и спокојност и се трудеше да отвори простор за новата уметност, за новиот пристап во актерската игра, режија и особено домашната драма за да се почувствува модерната и на овие простори“, додаде Унковски.

На комеморацијата, во чест на Ристе Стефановски, се обратија и актерот Јовица Михајловски, споделувајќи анегдота од нивната соработка, како и Ѓорѓи Јолевски, кој во негова чест вчера ја одигра претставата „Последната лента на Крап“.

„Ти се обраќам со голема болка и со неизмерна благодарност за сè што направи за македонскиот театар, за твојата фанатичност во градењето на столбовите на современите македонски театри. За твојата доверба кон многуте генерации театарски дејци кои ги негуваше внимателно за силно да дејствуваат со своето творештво, претставувајќи го македонскиот театар на домашната и светска театарска сцена. Ти се обраќам како на татко бидејќи ти си таткото на современиот македонски театар. Како татко ги создаваше институциите, театрите режисерски и актерски имиња…“, истакна Јолевски.

Последно обраќање кон својот колега, соработник и пријател имаше и актерката Милица Стојанова, која му се заблагодари за сè што направил за македонскиот театар, а нејзините зборови ги прочита актерката Весна Петрушевска. На комеморацијата, на која присуствуваше и семејството на Ристе Стефановски,  присутните имаа можност преку видеозаписи да погледнат неколку негови интервјуа и изјави во кои тој ја истакнува својата визијата која ја има за Драмскиот театар.

Стефановски е роден во 1928 во Скопје. По завршувањето на театарската школа, студирал и организација на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје и одиграл 14 улоги. „Стефановски во аналите на Македонскиот народен театар ќе остане засекогаш не само како актер, но и како човек кој го раководеше театарот во неговиот значаен период од 1983 до 1988 година. Беше и директор во Драмски театар – Скопје, во период од 26 години, од почетокот на неговото формирање. Дел од историјата на МНТ и воопшто на македонскиот театар е запишана од Стефановски во книгите кои се однесуваат на театарот и кои сведочат за годините наназад“, наведуваат од МНТ. (Д.Т.- Н.И.Т.)