КОЛУМНА, СОЛЗА ГРЧЕВА: СЈОф  ЛЕЛЕ!

1103

Основна одлика на секоја власт кај нас, во изминатите триесетина години е, да ги меле во клетви претходниците, да вади “податоци“ од ракав по потреба, за да ни каже дека од нив имало и бетер (замислете го ваквиот референтен систем, кога признавате дека сте ужас, но имало и бетер), да ги прифати и унапреди сите криминални дејства на претходниците, да им прости на големите риби, да ги искористи во своја полза, да си ја организира сега својата фамилија, блиска и подалечна, да си намести што понеспособни луѓе со смешни биографии на високи места, и да се бори да остане на власт до последната капка крв на – народот. Овие пак сегашниве,  се на праг да направат фамилија-нарко картел. Биг Мек на напушти, но ќе влезе, по се изгледа, Биг Мајк. Од осудениот Субрата,  до Биг Мајк со седумте лажни идентитети. Навистина нагорна патека во развојот.  Да ве видам тогаш, кога ќе станеме нарко рај, кој ќе смее да излезе на улица после 22 часот. Можни се и опиумски војни како во Кина. Познатата комунистичка изрека дека “религијата е опиум за народот“ ја превртеа во “опиумот е лек за народот“. Наместо со високи технологии, земјоделие, мали бизниси, професионална администрација, достоинствено образование, децата ќе ги задржиме да останат со перспектива на  “хашишари“ или дилери.

Откога им пукна пердето со “Рекет“, почнаа да се глупираат во огромни количини. Премиерот ја фрли вината на “тројца, четворица криминалци, еден суетен новинар и еден педер“. Димитров пак таа бројка ја сведе на еден: на Катица Јанева, измислениот робот за кој веќе пишував. А сите они чисти девици, недопрени од ништо. Ниту им паѓа на памет да понесат политичка одговорност, ниту кривична им се заканува. Парите ги нема, а да се само тие и да се само толку. И повторно плачат пред Европа. Дајте датум, инаку отиде фамилијата курбан. Заедно со марихуаната.

Основна одлика пак на опозицијата, која како ајкула демне да се докопа до власт за да продолжи од истата точка каде застанала, е да ја избербати до крај (а не е тешко) актуелната власт, да ги сокрие своите бивши криминали, да направи масовна амнезија на народот, да се претстави како новороденче кое само што проодело. Не постоеле фамилии кои биле страв и трепет, немало тајкуни кои ја купиле половина Македонија, немало рекетари на секое дуќанче и кафуле, не се делело градежно земјиште на свои за најголемиот број изградени станови по глава на жител во светот, не се местеле тендери,…нема крај . Не, сите треба да поверуваме дека тие, истите, сега ќе тргнат да не спасуваат, откога нивните другарчиња по табиет  ќе паднат. Дури  и “Рекет“ не би ме чудело како утре да стане мачкина кашлица, пред некој следен налет на инвентивност. Бидејќи друго не видовме во сите изминати децении. Кражби без усул, политичка мафија. И најстрашно од се, политички систем кој става правна рамка на ова разбојништво и самоволие.

Сите треба да заборавиме на одвратната игранка за промена на името на државата, сите треба да заборавиме дека Македонците не се повеќе народ, туку државјани, сите треба да заборавиме на оние лигавења по грчките телевизии дека сега му било мајката, “имало најдобра клима за решавање на спорот“. Сите треба да заборавиме дека во Пржино се случи најголемата трговија под кодното име “слобода, сосе пари, за промена на името“, сите треба да заборавиме дека СЈО им беше заеднички проект, дека едногласно го гласаа. Конечно и промената на името беше заеднички проект. 81 глас “за“. Е од тоа нема бегање и лажење на никакви митинзи и извикување на лажни пароли. Историјата, макар и во обид да се ретушира, се има забележано и документирано. Се бара и да заборавиме дека “верниот“  (по наредба)  партнер ДУИ, сите го пазат како дијамант во нивната круна. Партија на вечни и сечии весталки, на кои сите им ги исполнуваат желбите. Тие немаат никаков криминал, нив бомби не ги разнесуваат. Затоа пак на нивните уцени им нема крај. И се е прифатено за мир во коалициите. И со едните, и со другите. Сетете се на територијалната поделба, на прекинатиот попис, на преименуваните топоними, табли на училиштата, на законот за употреба на јазиците од 2008 кој го надмина Охридскиот договор, за да се трасира патот на најновиот закон кој конечно  ја дефинираше државата како бинационална.

Тангото продолжува и  со најновата лага која кружи дека без решен статус на СЈО и без расчистен “Рекет“ немало да има датум за преговори со ЕУ. Леле страшно! Ама нема датум и без ова, тоа веќе на сите им е јасно. Му беше јасно и на Хан, кога дрско не силеше да се промени името на државата и да се сотре македонскиот народ во замена за непостоечки гаранции. Не им беше јасно само на заблудените овци, кои како и во случајот со СЈО, отпосле се сетија дека нешто многу гнило се случувало во консензуалната пара институција. Па почнаа да ги полнат порталите со разни пикантерии кои “лично“ ги доживеале. И ги преживеале за масни хонорари. Нема да можам да издржам уште еден наплив на себе посипување со пепел, кога ќе им допре до свеста дека Македонија ја раздадоа на комшиите за џабе. Како папагали повторуваа дека НАТО ќе не брани, а ЕУ ќе не рани. Ајде, ќе им текне со задршка кога ќе стигаат нови и нови уцени. А нарко бизнисот ќе цути.

И според “упатството“ од надвор, како и за се друго, после неколку чина лоша глума, ќе падне договор да му се продолжи животот на мртовецот, наречен СЈО.  Лешот ќе биде подгреан и сервиран на тацна во Собранието. Ќе се прифаќаат божемни амандмани, ќе се доближуваат ставови, ќе се ценкаат на отворена сцена според српската “они божем бараат, ние божем не даваме“ и на крајот пак исто. Посебен статус за извалканите, посебни плати и привилегии, друг шеф или шефица, можеби и друго име и пак по старо. Само без неа. Никој нема смелост да каже дека такви какви што се и какви што биле цело време, треба да се предмет на истраги и да се заборави на нив. Додатно, сите што го дизајнираа монструмот со намерно вградени дефекти, треба да одговараат. А да не зборувам дека со инсистирањето истиот да преживее,  само се признава тоталната немоќ на официјалните институции да бидат независни, неселективни и бескомпромисни. Каде се божемните реформи во правосудството, каде е промената на начинот на избор на судиите и обвинителите, ветингот, како не можат да се отстранат оние за кои има докази дека работеле по налог на извршната власт?! Ништо не е направено и сега некоја друга Ката ќе става ред. Па навистина треба да сте прилично дефицитарни со ум и разум, па да поверувате во оваа бајка која се турка и покрај “Рекет“.

И треба да се многу безобразни да изговорат макар еден збор за ова обвинителство, по мега скандалот. Уште пак, со месеци му бараат чаре на СЈО и место во правосудниот систем. За мене нема дилеми: местото му е во Идризово. За сите поткупи, за сите вработувања на роднини, за сите намерно застарени предмети, за сите намерни пропусти, за сите политикантства, за сите врски со подземјето,со  власта пред се, со избрани капиталци од опозицијата, за сите опростени притвори. Нема таму невин. Не треба да се преговара и договара за СЈО. Тоа треба да се пензионира, со сите внатре:обвинители и советници. А не повторно, како во 2015, консензуално да му се продолжи животот на овој изрод, единствен во светот по бруката која ни ја приреди.

Ако барем малку почне да излегува народов од оваа колективна амнезија на која се работи од петни жили, ќе има надеж. Ако се постави точната дијагноза, чарето е на дофат. За пациентот да има шанси да почне да заздравува, мора да се почне со првиот чекор на долгиот пат. А тоа е партиите да бидат буквално изгонети од институциите. Потоа, да се прошири опсегот на правото на одлучување на референдум како најдемократска форма на одлучување, да се напишат одново десетици закони за спречување на корупцијата (не за борба против корупција, бидејќи никој во тоа не успеал), законски да се отповикуваат функционери наместо да молиме за нивни оставки, да се промени Изборниот законик од корен, да се врати силата на народот како сопственик на државата. Државата која се вика Република Македонија.  Но тој, народот,  мора да ја постави правата дијагноза. Во неговите раце е лекот.

(авторот е проф. д-р и претседател на ГЛАС за Македонија)