КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Новоговорот на новокомпонираните

235

Некогаш, во не така далечното минато, на кое постарите беа сведоци и го живееја, сè беше поинаку, сè беше на свое место, имаше систем што функционираше, држава и институции што се грижеа за луѓето, закони што се применуваа и што се спроведуваа, се ценеа знаењето и способноста, се негуваа доблестите, се ценеше убавото, а зборовите имаа свое значење, тежина и обврзуваа.

За само неколку децении, сè се измести, исчуручи, недоквакани, полуписмени, искомплексирани и необразовани го урнисаа системот, го разнебитија и го претворија во лакрдија. Државата стана партиска сопственост, а институциите партиски експозитури.

Почнаа да се ценат некултурата и простотилакот, неписменоста и некадарноста станаа доминантни, затоа што оние на врвот ниту имаа култура, ниту знаење, ниту беа описменети како луѓе, а уште помалку како политичари. Урнисувањето на дел од системот по принципот на верижна реакција неминовно дејствува и на другите сегменти на општеството и на државата, па не требаше многу за да се случат колапсот и хаосот што го живееме денес. Илузорно е да се очекува полуписмени, необразовани, некадарни и искомплексирани луѓе да ги негуваат доблестите, па започна уништување на образованието, а со тоа и на знаењето и на способноста, се почна со разнебитување на семејството. Со тоа ги разнебитија и воспитувањето и традициите, со исмејување на знаењето, со искривување на вистината. Полтронството, неморалноста, корупцијата, глупавоста, некадарноста, изопаченоста се негуваа, подржуваа и станаа прифатливи и посакувани карактерни особини. Дури и вокабуларот се смени и значењата на определени поими мораа да се приспособат за овие новокомпонирани неранимајковци и неспособни да се почувствуваат битни и  подостоинствени. Како во Орвеловата „1984“, наеднаш се појави новоговор, кој почна да ги нарекува ку*вите старлети, е*иветрите – инфлуенсери, политикантите – угледници, а настраноста – различност. Денес, кражбата се нарекува тендер, митото – посредничка провизија, местенката е јавен повик, мешетарењето е лобирање. Тајкуните и транзициските крадци се нарекуваат бизнисмени, предавниците – визионери, предавството – добрососедство, окупаторите – администратори, непријателите – договорна страна, шпионите – пријатели на странските пријатели. Партиското вдомување во државната администрација се нарекува вработување, вработувањето по национална припадност, без оглед на знаењето и квалитетот, се нарекува градење граѓанско општество, плукањето и навредувањето – слобода на говорот, хаосот – демократија, клиентелизмот се нарекува слободно судско убедување, партискиот договор е законска измена, дигачите на два прста – пратеници, а сета оваа разнебитеност и урнисаност – држава. Во новоговорот, истакнат правник е партиски потрчко и послушник на одговорна јавна функција, за која ниту е кадарен ниту соодветен, балансер е вработување на Албанците по секоја цена, секаде и создавање етнички чисти државни институции, судиите и обвинителите се правни Опенхајмери, кои направија црна дупка од правосудството.

На крај, ќе завршам со еден цитат на Орвел од „1984“, во кој буквално ја опишува состојбата во нашето општество: „Политичкиот јазик е осмислен така што прави лагите да звучат вистинито и убиството достојно за почит, и да му се даде цврстина на ветрот во магла… Војната е мир. Слободата е ропство. Незнаењето е сила”.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)