КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Едноумие и безумие

197

Со години тонеме и како општество и како луѓе, со години се разнебитува сè она што беше создавано со генерации, ни се убива сè она што беше наш понос, сето она на што бевме горди. Сегашноста грда, сурова, безмилосна, извитоперена и нечовечка, а иднината далечна, маглива, нераспознатлива и застрашувачка. Во една таква општествена реалност и понижувачки услови на живеење за најголемиот дел од народот, луѓето сè повеќе и почесто се сеќаваат на минатото, особено оние повозрасните и доволно стари да можат да споредат. Со носталгија раскажуваат за минатото, за живејачката, за општеството и општествените достигнувања, со понос се сеќаваат и на нашето место во меѓународните рамки. Едноумие и југоносталгија, велат на таквите приказни новопечените бизнисмени и богаташи кои со кражба на туѓата мака станаа тоа што се, едноумие велат и партиските мангупчиња кои од улица преку ноќ станаа министри, премиери, директори.

Имав прилика и среќа да живеам и во тоа време на „едноумие“, како што некои го нарекуваат, и во ова време кое не е ништо друго туку безумие.

Некогаш , во тоа „едноумие“ државата функционираше, бевме горди на својата држава, химната ја пеевме сите, со понос го виоревме знамето, визи не ни требаа за ниту една земја, а нашиот пасош вредеше повеќе од кој било друг. Денес пасошот ни вреди колку и рецепт за во аптека каде што лекот најчесто и го нема, го менуваме секоја втора сезона како и името кое стои на него, а најголемиот дел го менува со бугарскиот. Денес знамето го виориме само на празник и тоа не секаде затоа што таму каде што малцинството е мнозинство се вее друго знаме. Химната најголемиот дел не ја ни знае, а и кога ја знае не е пее цела за да не ги навреди соседите со Даме, Гоце, Сандански.

Некогаш секое семејство покрај нормалниот живот можеше да си дозволи и летен и зимски одмор. Денес не може да си го дозволи ни Дојран ни Охрид, а живејачката му е мизерна и понижувачка, на раб на егзистенција. Здравството беше бесплатно и достапно секому, а пензионерите достоинствено и нормално живееја од своите пензии. И денес е здравството бесплатно, ама лекувањето е најскапо во Европа и животот на пациентот не зависи од знаењето на лекарот туку од сумата на парите кои ги има. Пензионерите денес имаат бесплатен автобуски  превоз двапати неделно, а пензија еднаш во два месеца, која одвај им ја исплаќа ограбениот Фонд кој повеќе не е пензиски туку партиски.

Образованието беше осмислена целина која создаваше интелектуалци и писмени луѓе и беше достапно секому. Денес образованието создава медиокритети и полуписмени луѓе, луѓе без свое мислење и став, исти како луѓето кои раководат со образованието.

Политичарите беа одговорни и сериозни луѓе, писмени и образовани за разлика од денешниве кои како да се ликови од некоја стендап комедија или ток-шоу. Пејачите имаа и стас и глас  и беа уметници, вистински мајстори на својот занает. На настапите пееја во живо и немаше никаква разлика од студиската снимка, а секој збор од текстот беше разбирлив и јасно отпеан. Денес е најдобро пејачите да ги гледаш, но не и да ги слушаш и никогаш не си сигурен на кој јазик пее затоа што ни збор не можеш да разбереш.

На телевизија, во емисиите се појавуваа луѓе кои нешто значеа, кои нешто постигнале, кои имаа зад себе некое општествено корисно дело, емисиите беа образовни, добро осмислени и праќаа позитивна порака во општеството, а денес се прават ријалити шоуа, емисии без порака и смисла, најчести гости се кафански певаљки, луѓе со забегани идеи, збунети околу својот идентитет и пол.

Некогаш зборовите и ветувањата обврзуваа, денес зборот е без значење, ветувањето празно, изговореното не обврзува и не се ни памети. Ставовите од денес до утре се менуваат, црното станува бело, вистината лага, а лагата вистина. Се дискутира без аргументи, се навредува, се плука по секого, а последици и санкција нема за никого. Некогаш демократијата се сфаќаше како волја на мнозинството, а денес демократијата се сфаќа како изживување на налудничави поединци, како право секој да прави што сака.

Ако минатото било едноумие затоа што сите сме живееле исто, сме размислувале слично и сме почитувале исти работи, тогаш ова денес е безумие, затоа што најголемиот дел нема ум, не размислува и не почитува ништо, ништо не му е свето и со ништо не се гордее.

(ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот)