Коалицијата стабилна, се ниша мнозинството?!

210

Со слична реторика, дека водат преговори и дека имаат обезбедено двајца- тројца пратеници повеќе на нивна страна и власта и опозицијата деновиве се сè посамоуверени во партиските математики. Минималната разлика во бројот на пратенички места, кревкото мнозинство кое постојано е под закана на корона вирусот- бидејќи цело време има пратеници во изолација, постојано го одолговлекуваат одржувањето на седниците, и го ставаат под прашалник гласањето на законите.

Одлуката на ЛДП нивните двајца пратеници да настапуваат самостојно и независно од пратеничката група на СДСМ го разгоре огнот, па деновиве интензивно се калкулира со пратеници, кој на чија страна ќе застане.

Ја поздрави одлуката на ЛДП за самостоен настап во Собранието, и за одговорноста за бегството на Мијалков прстот го впери директно во премиерот Зоран Заев, но Павле Трајанов, лидер на Демократски Сојуз  тврди дека мнозинството е стабилно.

-Во моментов се води психолошка војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, нагласи Трајанов.

Иако смета дека е целосно нивно право, премиерот Зоран Заев рече дека одлуката на ЛДП е донесена во лош тајминг. И либерал- демократите уверуваат дека немаат намера да влегуваат во ново парламентарно мнозинство, единствено, сакаат да бидат попрепознатливи како пратеници. Појаснуваат дека ќе останат во владејачкото мнозинство и ќе продолжиме да ги поддржуваме владините политики.

Додека власта уверува за стабилноста на мнозинството и вели дека ќе присвои пратеници од опозицијата, и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, го тврди истото. Велат, разговорите за ново парламентарно мнозинство, се во тек.

„Таа операција уште не е завршена, но е во тек и очекувам да финишира со уривање на оваа Влада и создавање на ново парламентарно мнозинство. Тешкотиите кои оваа Влада ги има со обезбедување кворум се уште една потврда на ова што го зборуваме. Времето ќе покаже дали има или не ново парламентарно мнозинство“. Логичното прашање, е – ако мнозинството е стабилно, зошто Собранието веќе четврта недела не одржува пленарни седници, а одговорот е едноставен, затоа што не можат да изгласаат дневен ред, а не можат затоа што немаат мнозинство. Така што, она што можам да го потврдам во моментов е дека немаат мнозинство. Дали има ново парламентарно мнозинство, во моментов работиме на тоа. Кога ќе има, ќе ве информираме“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Во исто време, партиите калкулираат и со пратениците од БЕСА. Двајца пратеници од опозицијата ќе бидат дел од владејачкото мнозинство, откри лидерот на Беса, Биљал Касами, без да открие за кого станува збор.

„Да, веќе сме во завршни преговори. Политиката е како шах. За брзо време ќе објавиме кои се тие пратеници, досега двајца пратеници ќе преминат во редовите на Беса. Нема да кажам сега кои се, затоа што не е конкретно. Но, еве ќе ветам дека ќе излеземе заедно на прес конференција со минимум двајца пратеници кои од опозицијата преминуваат во парламентарното мнозинство“, истакна Касами.

Тој вели дека сите што се дел од Алтернатива имаат отворена врата во Беса.

„Еве, дозволете уште еднаш, кажувам отворено, сите што се дел од Алтернатива имаат отворена врата во Беса. Сме пратиле луѓе да комуницираат со членови на Алтернатива. Има заинтересирани да ни се приклучат и други членови, односно да се вратат во Беса“, додава Касами.

Актуелното мнозинство во моментов има 62 пратеника. Засега е неизвесно дали ќе се оствари најавеното прелевање на пратеници во противничките табори, тема која е актуелна уште по завршувањето на парламентарните избори минатата година.