Климатските промени носат пекол лето во Македонија кое ќе трае по два месеца

109

Метеоролозите најавуваат нов топлотен бран кој ќе трае до средината на наредната недела. Температурите над 35 степени и висок УВ индекс ќе се задржат до крајот на овој месец.

Со средината на следната недела во Македонија ќе преовладува сончево и топло време со максимални дневни температури до 38 степени.

Скоро цел Македонија летово беше во портокалова фаза, а термометрите во главниот град, како и во неколку други места покажуваа и до 45 Целзиусови степени. Ефектите од глобалното затоплување веќе се реалност и се случуваат, а тоа во иднина само ќе се влошува.

Летово цела Европа беше зафатена од топлотен бран со рекордно високи температури. Во Париз беа измерени рекордни 42,6 Целзиусови степени, со што се надмина претходниот рекорд од 40,4 степени измерени пред повеќе од 70 години. Некои делови од Централна и Западна Европа имаа за десет степени повисоки дневни процеси над вообичаените температури.

Како што светот се затоплува поради човечките активности кои влијаат на климатските промени, така поголемиот дел од жителите на Земјата може да очекуваат се повеќе топли денови со температури над 32 Целзиусови степени во иднина.

Скопје и околината во 1960 година во просек имале седум дена годишно со температура над 32 степени, а до крајот на ова столетие може да очекува меѓу 26 и 65 вакви многу жешки денови.

 

„Њујорк тајмс“ во статијата насловена „Колку потопол станува твојот роден град?“ пишува за влијанието на климатските промени и нуди интерактивна мапа на која може да се види како се затоплува градот во кој сте родени и колку може да очекувате да се зголемат температурите во иднина.

Најтопло лето откако се мерат температурите во земјава имало во 2007 година, кога се измерени рекордни 45,7 Целзиусови степени.

Температурниот максимум е регистриран во Демир Капија на 24 јули 2007 година. Рекордот и за Скопје е во истиот тој ден, кога температурата се искачила до 43,3 степени. Тој ден се измерени и рекордни 45,3 степени во Гевгелија, 43,5 степени во Штип и 40,2 степени во Крива Паланка.

Температурите во државава официјално се мерат од 1948 година. Имало мерења и порано, но не е сигурно колку се прецизни, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Многу е веројатно дека Скопје и околината ќе доживеат зголемување на температурите дури и ако државите до крајот на векот преземат мерки за намалување на емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на анализата на „Клајмат импакт лаб“, група на климатски научници, економисти и дата аналитичари од Родиум групата и од универзитетите Чикаго, Ратгес и Беркли.

„Њујорк тајмс“ пишува дека глобално високите температури го зголемуваат ризикот од болести и смрт, особено кај постарите возрасни групи, младите и лицата со хронични болести. Посиромашните луѓе, кои многу поверојатно немаат пристап до клима уреди и други начини за разладување исто така, ќе бидат поизложени на удар од топлотните промени.

Растот на бројот на денови со температури со 32 и повеќе степени најмногу ќе влијае и на лицата кои работата на отворено, како и за работниците во затворени простории каде нема соодветна вентилација и разладување. Дополнително, зголемувањето на топлите денови, повеќе ќе се чувствува и ќе влијае на населението во регионите со погoлема влажност на воздухот, за разлика од посувите региони.

За време на топлотниот бран низ Европа, дневните максимални температури во некои делови беа над 40 Целзиусови степени. Дневните просечни температури беа генерално за седум степени над нормалните, додека во некои делови и до девет степени над просекот од 1981 до 2010 година.

Податоците покажуваат дека годинава носи рекордно високи температури. Секој месец во 2019 година се наоѓа меѓу четирите најтопли месеци во историјата, додека јуни е најтоплиот месец јуни досега. Сепак трендот на затоплување не е само за јули. Проценките покажуваат дека глобално месечната просечна температура на воздухот е зголемена за сите месеци од годината во изминатите четири декади.