Кате Танева од “Нели ти реков“: Во Германија за 1 евро ќе ја обновиш гардеробата, кај нас шише масло рипна на 100 денари

798

Таква сум, не можам да се сменам: емотивна, чувствителна, срамежлива, искрена. Требаше да бидам и пејачка на сплитската група “Магазин“ наместо Лиле Николовска, ама така требало да се случи, кариерата да ја продолжам со “Нели ти реков“. Но, сега оваа секојдневна пандемија ситуација многу ме притиска и загрижува. Се прашувам колку пандемијата ќе остави тешки психички последици кај голем број луѓе, а воедно и кај нас пејачите. Што има полошо од тоа пејачот да нема контакти со публиката, да не пее? Згора на тоа, цените во Македонија на оваа беспарица рипаат, наместо да паѓаат како на пример во Германија, имам таму другарка, па знам. Кај нас сè е наопаку, сè поскапено! Тешко да можат луѓето да се прехранат. Мисли ли некој на народот?

Нема некој во Македонија да не ја познава згодната Кате од “Нели ти реков“. А, токму така најчесто ја препознаваат, секако по големиот музички хит “Запри дожду“. Но, Кате си има и свои презимиња. И тоа едно моминско и едно од сопругот, таа си е Танева-Ѓорѓиев. Сепак, кај Кате покрај семејството, важни се песната, естрадата, музиката, настапите, дружењето со публиката, а сето тоа сега го нема цела година.

-Секако дека поради тоа сум многу загрижена, крајот не се гледа, а и ова седење по дома во изолација станува напорно, неподносливо. Се прашувам колку пандемијата ќе остави тешки психички последици кај голем број луѓе, а воедно и кај нас пејачите. Што има полошо од тоа пејачот да нема контакти со публиката, да не пее. Едноставно, ужасна е ситуација, а мораме да се тешиме, да останеме здрави. Многу е болно тоа што многу луѓе починале, меѓу нив и мои колеги музичари, и кај нас во Македонија, и во странство. Голема е, многу голема тагата, срце ме боли за нив и очите ми се полни со солзи. Ни заминаа и Џорлев и Вучиќ и Балашевиќ и редица други. Секојдневно се тешам. Здрава сум, здраво ми е семејството, ништо повеќе во ова невреме од тоа да не барам, вели Кате за весникот ВЕЧЕР/vecer.press

0 Да преминеме на некои весели теми, доста е со тагата, раскажи ми накусо, како се случи тоа ти да не бидеш пејачка во тогаш мегапопуларната сплитска поп-група “Магазин“?
-Е, да, таква ми била среќата, хахахааа… Јас бев вљубена во песните на “Магазин“ постојано си ги пеев онака за себе. Некако во тоа време своето заминување од групата го најави пејачката Лиле Николовска која е наша Македонка, па шефот на “Магазин“ Тончи Хуљиќ бараше нова пејачка. После еден концерт на групата во Неготино, мојот зет (маж на сестра ми), беше тој што се качи на бината одејќи право кај сплитските музичари. Јас само што не пропаднав во земја од срам. Тој мака си немаше и почна да прашува: Дали е вистина тоа што го читаме во весниците дека барате замена за Лиле во “Магазин“, претставувајќи ме мене на дечките.

Направивме потоа начелно муабет, ми дадоа четири песни кои требаше да ги снимам и да им ги пратам. Меѓутоа покрај други некои работи, мене тогаш ми се случи групата “Нели ти реков“, а Тончи за “Магазин“ за тоа време ја одбрал Данијела Мартиновиќ. Така требало да биде, судбина, од неа не се бега. Задоволна сум и со кариерата во Македонија. А и не знам како сето тоа би го издржала со “Магазин“ кога не сум јас таква да бидам разделена од дома, од своите. “Магазин“ е група која постојано беше на некои турнеи, со месеци беа разделени од семејствата.

Јас само еднаш кога заминав на турнеја во далечна Австралија за Нова година, таму преплакав да се вратам дома во Македонија. Таква сум, не можам да се сменам. Емотивна, чувствителна, срамежлива, искрена. Грижлива мајка и сопруга.

“Запри дожду“ воопшто не ја сакав, сега ме препознаваат по таа песна

0 На почетокот на кариерата ти не беше воопшто заинтересирана за народната музика, како тогаш се случи да пееш фолк?
-Тоа е исто така моја интересна приказна. Пак прстите ги замеша судбината. Во душа бев рокерка, бев некоја која многу ги сакаше и шлагерите, забавната песна. Кога дојдоа да ме бараат момците од “Нели ти реков“ да им бидам пејачка, јас ама воопшто не сакав да слушнав за тоа. Но мојот драг татко имаше поинакво мислење од мене. Тој беше за тоа да прифатам, да излезам од дома, да тргнам од некаде, а тој е тука да ми биде мојот заштитник, бидејќи покрај него не смееше ни влакно од косата да ми фали. Така и бидна.

Почнав да настапувам со “Нели ти реков“, а еве уште успешно траеме со групата. Некоја година потоа, после тие почетоци ни се случи песната “Запри дожду“. Песна за која слободно ќе речам дека е пресвртница во мојата кариера. Песната стана голем хит, стана и евергрин и нема настан на кој пеам, а да не ја пеам и “Запри дожду“. Луѓето премногу ја сакаат песната иако таа песна во почетокот мене лично не ми се свиѓаше. Но нели од судбината не се бега, па така и јас не можев да избегам од таа песна. Всушност, убаво е кога во кариерата имате песна која на некој начин е знак на распознавање. И не сум во тој поглед единствената пејачка.

Читав за некои други пејачки на кои ич не им се допаѓале песните кои ги пееле, а токму таквите песни потоа станале песни по кои народот ги памти. Така што само публиката е единствено таа која има непроценлив осет за некоја песна дали ќе стане хит или не?!

0 Како според тебе е можно да се развива ситуацијата на естрадата поради коронавирусот?
-Не сум некоја баба Ванѓа, ама не ми мириса на добро. Беспарицата меѓу колегите многу се чувствува и многу е лошо. Сè е поскапено, храната е најскапа, а пари не заработуваме. Само цената за шише масло кое ќе го потрошите за 5 дена е рипната на цели 100 денари. Тоа нема смисла, се лови во матно. Имам пријателка во Германија, во Дортмунд, каде исто така водат војна со вирусот, но таму цените паѓаат. Се грижат за народот. Кај нас цените рипаат. Во Германија можеш да купиш убави парчиња гардероба, на пример за само 1 евро.

Оди купи кај нас, баш да те видам што ќе купиш. Ние не можеме да се прехраниме, а не гардероба да купуваме. Навистина сме во проблеми. Естрадата е најпогодена. Не може секој од колегите да се снајде, да има среќа да работи нешто друго додека трае пандемијата. Што да прават оние што немаат извор на финансии, треба ли да умрат, бог да чува! Крајот не се наѕира, велат дека ќе се спасиме само ако почнеме да се вакцинираме, а ете во Македонија нема вакцини. Жално!

0 Да го завршиме разговорот со оптимистички мисли и пораки…
-Сакам да е така, но оваа секојдневна ситуација многу ме притиска. Доаѓа лето кое многу го сакам, а загрижена сум бидејќи не верувам дека ќе го видиме морето во кое сум вљубена. Морето е здравје. Сепак, останува да им се радуваме на наизглед малите работи, а всушност се големи.

Еве, сега ми доаѓа сосетката на кафе, па ќе си поправиме муабет, ќе се дружиме. Знаеш, тоа е оној карактеристичен женски муабет што се вели. Одамна не сме биле на подолго време во шопинг, а тоа ни фали, па ете низ муабетот ќе прошетаме и низ бутиците. Е, барем да се оние од Германија, од почетокот на разговорот, каде за само 1 евро можеш да си ја обновиш гардеробата.

Дуле Миќиќ   фото: ФБ