Тимот на Металург, сепак нема да треба да бара нов тренер, затоа што најавената оставка на Зоран Кастратовиќ нема да се реализира и тој ќе остане на клупата на тимот од Автокоманда.

По тешката победа над Вардар Јуниор, тренерот најави дека ќе си замине и го активира „црвеното светло“ во Металург пред важниот реванш во ЕХФ Купот против словенечки Горење.

Беше свикан итен состанок, на кој двете страни, односно управата и тренерот разговараа и пронајдоа заеднички јазик за Кастратовиќ и понатаму да остане дел од тимот.

Првиот натпревар меѓу Горење и Металург во Словенија заврши со победа на домаќинот (24:19), а реваншот во Скопје е закажан на 24 ноември.