И Скопје има чинар, стар пет века, ама никој не знае за него!

9610

Чинарот се наоѓа во дворот на познатата џамија Иса-бег, која е изградена во првата половина на 15 век, во 1475-1476  година. Се смета дека ова дрво е насадено на денот кога е изградена и самата Исабегова џамија, и тоа од рацете на самиот Иса-бег, а е заштитено како споменик на природата од 1993 година. Станува збор за Platanus Orientalis, односно платан, чинар или јавор. Гордана Јанакиевска, наш познат туризмолог, во изјава за ВЕЧЕР потврдува дека малкумина знаат за скопскиот чинар.

– Има табла кај дрвото, но не е доволно тоа, потребни се повеќе информации. Така, во Градскиот парк, исто така, има ретки дрвја како што се гинкото и секвојата. Според мои информации, Град Скопје или ЈП „Паркови и зеленило“, кое е под негова ингеренција, има намера да стави дигитални информации за ваквите дрвја, кои би биле достапни со помош на мобилен телефон. Би требало да има таква дигитална информација и за овој чинар, за кога ќе дојде странец или секој оној што е заинтересиран, да ги има на увид тие информации и да може да ги посети на самото место – вели Јанакиевска

Скопје поседува атракција со која може да се гордее, но која треба и да ja чува и да ја негува, но и да им ја пренесе нејзината приказна на странските туристи, посетители и на сите заинтересирани. Тоа е чинарот што се наоѓа во дворот на познатата џамија Иса-бег, која е изградена во првата половина на 15 век, во 1475-1476 година. Се смета дека ова дрво е насадено на денот кога е изградена и самата Исабегова џамија, и тоа од рацете на самиот Иса-бег, а е заштитено како споменик на природата од 1993 година.  Станува збор за Platanus Orientalis, односно платан, чинар или јавор.

Инаку, Иса-бег бил голем моќник во свое време, бил заповедник на Скопје, заштитен од двајца султани, султанот Мурат Втори и неговиот син, султанот Мехмед Втори Фатих. Тој е внук на освојувачот на Скопје, Игит-паша, а син на Исхак-бег. Иса-бег бил главен предводник во ширењето на Османлиското Царство кон север, ги основал градовите Сараево и Нови Пазар, учествувал во освојувањето на Цариград во рамките на румелиската војска, која ја предводел Караџа-паша. Бил голем донатор, изградил многу објекти во Скопје – џамии, амами, карван-сараи, библиотеки, медреси. Не се знае точно кога е роден, кога и каде починал и не може со сигурност да се утврди неговото почивалиште, освен преку некои преданија.

По охридскиот чинар, за кој се смета дека е најстарото дрво во Македонија, скопскиот чинар е втор на листата со своите близу 550 години, височина од 20 метри и обем од околу 7,3 метри. Не само на поширокиот простор туку и во стариот дел на градот многумина од жителите не знаат за овој споменик.          

Кога велиме дека чинарот е природен, но истовремено и културен споменик, ја имаме предвид богатата приказна што може да ја раскаже тој за објектите од својата непосредна околина, еднакво интересна и за жителите на Скопје и за странските туристи. Во непосредна близина на чинарот постоела една од најголемите исламски библиотеки на Балканот, која ја основал Иса-бег.

Денес, кога ќе се прочита што сѐ содржела таа во себе, навистина се добива импресивен впечаток: книги од филозофијата, логиката, медицината, реториката, разни научни дисциплини, богат избор од книги со верска содржина. Тука се наоѓала и позната медреса со надалеку прочуени професори. Првпат била воведена и службата библиотекар со постојана плата. Во близината на чинарот се наоѓал уште еден пазар, наречен Туз-пазар. Од Туз-пазар, „патот водел до мостот“. Се смета дека со оваа реченица, која стои во вакафнамето, првпат се спомнува Камениот мост во историјата на Скопје. Во околината имало анови, амами и големи карван-сараи, кои денес не постојат.

Во своите истражувања, чинарот го спомнува и Лидија Кумбараџи-Богоевиќ: „Во дворот на џамијата се наоѓа еден многу стар чинар со извонредна круна, за кој се смета дека бил насаден уште во времето на изградбата на џамијата“.

Скопскиот хроничар Данило Коцевски, кој повеќе не е меѓу живите, за ова дрво напиша: „Пред земјотресот, за време на нашето детство, кое се одвиваше околу чинарот, тој не само што не беше заштитен туку и оставен на забот на времето. Тој ни беше тајно скривалиште и место за бегство од стварноста, како во некој чудесен свет на сказните меѓу густите лисја и неговите големи гранки како стебла. Огромно по својот обем, а со издлабена и испразнета внатрешност од времето, тој ни служеше како еден вид тобоган, по кој се спуштавме од неговиот среден дел до подножјето. Тогаш не постоеше ограда ниту околу џамијата ниту околу чинарот, а во близината имаше и простор за мал фудбал. За време на земјотресот, сериозно беа оштетени тремот и предниот дел од џамијата, ѕидовите беа распукани, минарето оштетено, а подоцна сето тоа беше санирано“.

Гордана Јанакиевска, наш познат туризмолог, во изјава за ВЕЧЕР потврдува дека малкумина знаат за скопскиот чинар.

– Има табла кај дрвото, но не е доволно тоа, потребни се повеќе информации. Така, во Градскиот парк, исто така, има ретки дрвја како што се гинкото и секвојата. Според мои информации, Град Скопје или ЈП „Паркови и зеленило“, кое е под негова ингеренција, има намера да стави дигитални информации за ваквите дрвја, кои би биле достапни со помош на мобилен телефон. Би требало да има таква дигитална информација и за овој чинар, за кога ќе дојде странец или секој оној што е заинтересиран, да ги има на увид тие информации и да може да ги посети на самото место – вели Јанакиевска.

Вработените во Исабеговата џамија редовно го наводнуваат дрвото и соодветно го негуваат.

Во Македонија, соодносот меѓу листопадните и зимзелените дрвја е 3:1.

Јаворите се едни од најпрепорачуваните дрвја за садење во урбана средина, затоа што ги намалуваат ефектите од климатските промени. Освен јаворите, дрвја што се препорачуваат да се садат во урбаните средини, поради својата отпорност и еколошките карактеристики, се и липата, јасенот, платанот, јаворот и борот.

Максималната возраст на дрвјата во голема мерка се определува според нивниот вид, но и според условите во кои растат.

(А.П.)