И Македонија наскоро ќе добие берза на струја, ама цената нема да биде социјална категорија

268

Наскоро ќе да стартува организираниот пазар на електрична енергија на принципот „тргување ден однапред“ .Според генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева во земјава е создаден вистински момент да стартува организираниот пазар на електрична енергија по  принципот „тргување ден однапред“ или популарниот „деј ахед“. Ова е процес чија крајна цел е цената на електричната енергија да ја трансформира од социјална во пазарна категорија

Во Република Северна Македонија е вистински момент да стартува организираниот пазар на електрична енергија по  принципот „тргување ден однапред“ или популарниот „деј ахед“.

Според генералната директорка на МЕПСО Ева Шуклева низ годините е создаден солиден квантум на материјал за тргување и има искусни учесници на пазарот. Таа ова го посочи на конференција „Што е ново на пазарите на електрична енергија во земјите на Југоисточна Европа“, што вчера се одржува во Скопје.

Шуклева појасни дека влегуваме во завршницата на долготрајниот комплексен процес – структура на електроенергетиката, чија крајна цел е целосна либерализација и воспоставување организиран пазар на електрична енергија, популарно наречен берза на струја и негова интеграција преку регионот во паневропскиот единствен пазар на електрична енергија.

– Ова е процес чија највисока и крајна цел е цената на електричната енергија да ја трансформира од социјална во пазарна категорија. Процес кој ќе резултира со создавање ценовни сигнали создадени од понуда и побарувачка во пазарна конкуренција на рамноправни учесници. Ценовни сигнали што ќе бидат индикатори и катализатори на инвестиции во различни сегменти на електроенергетиката и кои ќе ја насочуваат и науката да дава соодветни технолошки и информатички решенија, иновации и надградби, рече Шуклева.

Таа истакна дека во изминатите две години напорно е работено и во целост е подготвен амбиентот за создавање на берза за електрична енергија.

-Законот за енергетика овозможи создавање организиран пазар, МЕПСО го промени титуларот, ги изработивме и усвоивме Балансните правила со кои сите учесници на пазарот добиваат рамноправен третман во сегментот на балансната одговорност. Паралелно со овие процеси направивме реорганизација и го основавме МЕМО новоформирана компанија Оператор на пазарот на електрична енергија кој наскоро РКЕ ќе го лиценцира за организатор на пазарот на електрична енергија и верувам дека во блиска иднина ќе ги добиеме првите ценовни сигнали создадени во пазарна конкуренција меѓу рамноправни учесници на организиран пазар. Со тоа ќе ја оствариме крајната цел на процесот започната на почетокот на сега веќе далечната 2005 година, истакна Шуклева.

Податоците што ги изнесе покажаа дека лани обемот на електрична енергија тргувана по пазарни цени е 50 отсто од целата пренесена електрична енергија консумирана од националниот систем.

На семинарот ќе се презентираат состојбите на нашиот пазар на електрична енергија, а дел од него се претставници на РКЕ,  на Енергетската заедница од Виена за дерегулацијата и интеграцијата на пазарите од земјите на Западен Балкан. Своите искуства ќе споделат и претставници на три берзи од регионот: БСП од Словенија, ИБЕКС од Бугарија и ХеПекс од Грција од каде ќе се црпат искуствата за нашата берза на струја.

Настанот е во организација на новинската агенција специјализирана за енергетика „Енергетика.НЕТ“ од Словенија, членка на групацијата „Монтел“ европски новински сервис специјализиран за енергетските сектори.

(В.Ма.)