И кучињата влегоа во партиските препукувања

56

Наместо конкретни решенија како да се надмине проблемот со бездомните кучиња во Скопје и во другите градови низ државава, деновиве слушаме само партиски препукувања кој е крив, а кој прав. Од здруженијата за заштита на животните повикуваат државата да ги заштити уличните кучиња и дека време е да се дејствува на терен.

За СДСМ градската власт во Скопје и локалните власти по општините на ВМРО-ДПМНЕ се единствените виновници за проблемот со бездомните кучиња.

– Целиот проблем со бездомните кучиња, кој ескалираше последните месеци, е единствено поради неспособноста и незаинтересираноста на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Градската и локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ не ги интересира ништо освен рацете во медот, тендери и провизии. Исто како и претходно кога 11 години ја предводеа централната и локалната власт, не се преземаше ништо за кучињата скитници. За разлика од нив, градската власт предводена од СДСМ за првпат формираше јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни, а кадрите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица денес не можат ниту соодветно да го менаџираат – потенцираат од СДСМ.

Со партиска реакција веднаш излегоа од ВМРО ДПМНЕ.

– Ја разбираме фрустрираноста на СДС. Одат дотаму кога во исто време премиерот и нивен лидер Ковачевски вели дека ќе бара странска помош, за проблемот со кучињата скитници да го обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Срамота е што СДС прави политички поени од оваа тема па се скара и за кучињата скитници. На Струга градоначалник е коалицискиот партнер на СДС, Рамис Мерко од ДУИ. На Агенцијата за храна и ветеринарство директор е кадар на СДС. Кој одговараше што нема стратегија за справување со кучиња скитници? Чија надлежност е ова –  прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Неколку здруженија за заштита на животните од протест пред Владата во петокот повикаа против бруталноста кон уличните кучиња, посочувајќи на случајот во Струга кога беа убиена на улица повеќе кучиња.

– Ќе најде ли државата цивилизиран начин да се справи со овој проблем – прашаа тие и посочуваат дека е потребно системско решение бидејќи бројот на кучиња се зголемува од ден во ден, а нападите и каснувањата се речиси секојдневие. Велат дека во услови кога институциите не водат грижа, овие животни неконтролирано се размножуваат. Предложија мерки за одговорно сопствеништво, задолжителна стерилизација и кастрација.

Овој проблем не е само скопски туку е речиси во сите градови. Во Тетово локалната самоуправа одвојува годишно по 3 милиони денари, но тоа не е доволно, па сега, од таму велат дека се во преговори и со приватен инвеститор од Турција, но сè уште немаат конкретен договор. Битола подготвува прифатилиште, а за третман на кучињата е задолжена приватна ветеринарна установа. Во Штип преку тендер кој го добила ветеринарна клиника се заловуваат кучињата, додека во Струмица од неодамна започна да работи прифатилиште.

(С.Бл.)