Исто како лани: И овој пат, на крајот од летото, „Макфест“ на отворено во центарот на Штип

353

Ете го, се јави, а мислевме дека ќе го нема. Се излажавме. И добро е што вака се излажавме. Фестивалот на забавна музика „Макфест 2021“ и годинава повторно во септември, а некогаш беше во октомври во затворен простор.                                    Но пустата корона сè смени, па и начинот на кој се одржува Штипскиот фестивал, многу омилен кај публиката. Затоа, како лани, и овој “Макфест 2021“ ќе се одржи на отворено, со строго запазување на здравствените протоколи.

Дваесет и шест нови песни, потенцијални хитови, ќе бидат изведени на сцената на “Аква бела ресорт“ во две фестивалски вечери на 17 и 18 септември (и пред камерите на МТВ). Публиката во шоу-програмата ќе ја забавуваат „Тумбао салса бенд“, првата вечер, а втората вечер ќе настапи дуото Дац и Александар. Значи, сè домашни музичари. Не само поради пандемијата туку и поради домаќинско работење. Сепак, фестивалот го финансира и Министерството за култура.

Инаку, штипјани веќе уживаа во старите, незаборавните макфестовски хитови. Тоа се случи завчера по повод Денот на независноста од страна на Владата која го поддржува проектот „30 хитови од „Макфест“ за 30 години македонска независност. Публиката беше воодушевена од настапот на македонски поп пејачи.

Имаше наплив на многу емоции, по некоја солза обоена со носталгија на оние поминати денови кога овој фестивал изроди многу добри песни, популарни не само кај нас туку и на просторите на поранешна Југославија, а секоја од нив испеана на македонски јазик, кога на македонски пееле:

Хелена Благне

Слаѓана Милошевиќ

Марина Перазиќ, Слаѓана Милошевиќ, Мери Цетиниќ, Кемал Монтено, Иво Патиера, Зорица Конџа, Хелена Благне, Киќо Слабинац, “Поп-дизајн“, Исмета Дервоз, “Нови фосили“…. Фестивалот покрај паричните, ќе ги има и наградите „Душан Љубисавлевиќ“ во чест на Дуле, кој настапуваше на „Макфест“ како дел од дуото Дуле и Коки, како и „Драган Каранфиловски-Бојс“. Овие награди се во чест на прерано починатите, а кои беа дел од фестивалот. (Д.М.)