ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Стремеж кон победа

175

Ништо не е загубено за лицата што искрено веруваат, поседуваат силен дух и дејствуваат според импулсот на срцето.

Животот е премногу краток за да се измачуваме со тоа што поминало, туку е прекрасен и возбудлив кога уживаме во мигот на сегашноста и со оптимизам гледаме кон перспективите на иднината. Смислата е во борбата, волјата и стремежот да бидеме победници и да го извадиме најдоброто од себе токму во миговите кога се најсилно надвиснати негативните ситуации, искушенијата и тешките удари на судбината. Преку борбата се јакнеме, а низ страдањето осознаваме дека многу нешта зависат од вербата и духовниот темел на личноста – тие се најголемите градители на успехот, мирот и напредокот.

Со успесите што ги постигнуваат, позитивно насочените луѓе покажуваат дека срцето, духот и волјата се клучни за излез од тешките околности на судбината.

Бог ги сака храбрите, им помага на посветените и ги води подготвените. Кога веруваме, храбро дејствуваме и мудро промислуваме, тогаш осознаваме  дека животот е игра во која победуваат силните по дух, искрените по душа и моќните по верба. Да се биде победник, значи да се истрае во борбата, да се издржат ударите на негативните ситуации, да се пронајде смислата и да се задржи достоинството на личноста. Суштината не е да паднеме и да го прифатиме страдањето како конечност на постоењето, туку да станеме и да продолжиме храбро да се движиме кон остварувањето на животната цел и мисија.

Клучниот аспект на вредноста е да веруваме во себе, да не се врзуваме за предметните нешта, да осознаеме дека сè е подложно на раѓање и умирање, на подигање и паѓање – од човекот зависи колку ќе ужива во миговите на успехот и радоста и како ќе се постави во периодот на ограничувања, криза и тага.

Го даваме само тоа што го поседуваме и го носиме со себе, не може да го дадеме тоа што го немаме.

Некој поседува позитивна енергија, силен и благороден дух, оптимизам и добрина и насекаде зрачи со убава вибрација, затоа луѓето сакаат да бидат во негова близина. Друг постојано манифестира незадоволство, отпор, горчина и со своите критицизам и песимизам прави луѓето неубаво да се чувствуваат, поради што го избегнуваат или се обидуваат да се заштитат од неговите лоши вибрации.

Енергетските вибрации се насекаде околу нас и тие се главните показатели дали во длабочината на нашето битие преовладува позитивната енергија или сме опфатени и сме под доминација на негативната енергија. Карл Густав Јунг има кажано: „Не може од човекот да излезе она што го нема. За да можеме да шириме мир, мора најпрво да се надополниме со мир. За да можеме да шириме радост, мора најпрво нашето срце да биде радосно. Во спротивно, и најутешните зборови ќе звучат како напад од устата на незадоволен човек”. Тоа кажува дека не постои мудрец што може да го научи другиот позитивно да се чувствува, добродетелно да постапува и духовно да промислува доколку самиот тој одлучил негативно да постапува и да не вложува во позитивните вредности на личноста. Како што не може кашлицата и вљубеноста долго да се кријат така и ширењето позитивна енергија не може да се научи ако не постои афирмација, свест и интерес за такво нешто.

Позитивниот однос кон себеси ја нагласува благосостојбата на душата, негативниот однос ја нарушува. Силниот дух и вербата се основни за да се придвижат нештата кон афирмативната животна патека и за да се создаде реалност на успех и реализација.

Вилијам Шекспир има кажано дека не можеме да ги познаваме другите ако не се познаваме себеси.

Тоа асоцира дека не можеме да споделиме позитивна енергија ако се доживуваме себеси негативно и неубаво. Кога ќе престанеме да се обвинуваме за нешта од минатото, кога ќе се прифатиме и спознаеме себеси, кога ќе станеме потолерантни кон погрешните одлуки и ќе сфатиме дека поразите и тешкотиите немаат цел да нè уништат, туку да нè научат значајна животна лекција, тогаш имаме голема шанса да победиме и да го реализираме тоа што го сакаме.

Победникот не се раѓа, туку се создава, бидејќи тој го зајакнува духот, ја преиспитува волјата, ја буди мотивацијата и ја создава вредноста низ неизбежното соочување со поразот. Кога прифаќаме дека поразот и падот се составни делови од животот и од нашето искачување кон врвот, тогаш вистински ќе уживаме во играта, ќе им се радуваме на победите и без страв и тензија ќе учиме од поразите.

Од односот кон поразот, неретко зависи патот кон успехот.

Легендарниот кошаркар Мајкл Џордан постојано учел од неуспесите и не прифаќал тие да го оттргнат од реализацијата на целите.

„Во мојата кариера имам направено 9.000 промашувања. Имам загубено речиси 300 натпревари. Дваесет и шест пати ми беа дадени топката и довербата во клучен момент од натпреварот, еден поен и победа, јас имам промашено. Не успеав едноподруго, многупати токму затоа го доживував и најголемиот успех”.

Силниот дух, непоколебливоста и постојаните обиди се клуч на успехот, така што некои не веруваат во себе и бегаат од предизвикот; други учествуваат, но однапред се предаваат; трети се откажуваат по првиот пораз и повеќе не се обидуваат, но четврти знаат дека на „маката се познаваат јунаците” и ќе пронајдат начин да го заобиколат или да го решат проблемот, да продолжат да се качуваат кон врвот и да стигнат до победата.

Да се следи својот сон, да се биде постојано буден, активен и подготвен за остварување на целта е главен предуслов за постигнување на успехот.

Малодушноста, стравот, негативната перцепција и прифаќањето на песимистичките сугестии на другите е патоказ што води кон стагнација, пораз и неуспех. Кога дозволуваме почетните неуспеси да нè поколебаат и да престанеме да веруваме во позитивниот исход на нештата, тогаш никогаш нема да постигнеме значајни резултати во животот. Суштината е да веруваме во себе и да знаеме дека се случуваат чуда за лицата што храбро и активно дејствуваат, бидејќи волјата и силниот дух произлегуваат од пркосот, упорноста, инспирацијата и од мотивацијата.

Да бидеш решителен, достоинствен и позитивен, значи дека поседуваш моќ, сила и способност за спротивставување на пречките.

„Ако ме форсираш и туркаш кон нешто што мислиш дека е моја слабост, тогаш тоа станува моја сила”, се зборови на Мајкл Џордан, кои укажуваат дека борбениот дух и решителноста секогаш произлегуваат од мотивот и предизвикот да се извојува победа во борбата со негативните влијанија на околината (судбината). Никогаш не треба да дозволиме пречките целосно да нè запрат и соочат со поразот, бидејќи суштината на животот не е во опцијата да паднеме ничкум пред судбината и да прифатиме дека не можеме, не вредиме и дека нема да успееме, туку постојано да вложуваме, да се обидуваме и никогаш да не се предаваме.

Кога вистински се вложуваме, упорно работиме и посветено дејствуваме, тогаш остваруваме и се искачуваме кон тоа што го сакаме.

„Талентот, решителноста и посветеноста носат победа на натпреварот, но моќта на срцето, моќта на умот и силниот дух ја носат победата во животот”.

Заклучокот е дека животот е игра во која не секогаш победуваат најбогатите, најпривилегираните и најславните, туку духовно најмоќните, морално најпосветените и ментално најфокусираните – тие сфатиле дека позитивната енергија, вербата и срцето се моќна амајлија, која секогаш штити од порази и отвора пат кон победи.

 

(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)