Искусен пилот за падот на авионот кај Пула: Ваква несреќа се случува исклучително ретко, поради две причини

2054

Пилотот Нијаз Делиќ лета 56 години, но не се сеќава на трагедија каква што се случи денеска на аеродромот во Пула, кога двајца странски државјани го загубија животот при полетување на мал приватен авион.

-Немам многу информации врз основа на кои би можел да имам поширока слика за трагичниот настан, но веќе знаеме дека трагедијата се случила при полетување и дека авионот е целосно изгорен. Вакво нешто се случува исклучително, но исклучително ретко. Лично не можам да се сетам кога последен пат сум слушнал за вакво нешто, вели искусниот пилот Делиќ, чие семејство во Пула долги години ја води компанијата Delić Air.

Тој објаснува дека може да се работи за милион ситници, но сепак претпоставува дека или пилотот бил недоволно искусен со ветрот или заборавил да одблокира една од бројните команди.

– Познато е дека ветрот им создава проблеми на малите авиони, но доколку пилотот имал повеќе од 300 часа лет, такво нешто не би требало да му претставува проблем. Иако денеска дуваше силен ветер. Можеби заборавиле на горивото… Тешко ми е сега да судам. Очигледно е дека авионот паднал и потоа се запалил по ударот. Инаку, се работи за многу цврст, квалитетен и економичен авион, изработен од специјална пластика. Само времето може да покаже што ги измами, вели Делиќ.