Искрена е „македонската Северина“ – Јадам сè, а ништо не ми се фаќа! Популарната фолкерка Марија Луиса отвори душа за весникот ВЕЧЕР

684

Кај мене нема простор за срам. Ништо срамно не работам. Напротив. Истото на сцената го прават и Северина, и Мадона, и Шакира, и Бијонсе и секоја друга. Така и јас. Мојата публика само нека се опушти и нека ужива во моите настапи, вели згодната битолска пејачка Луиса

(Дуле Миќиќ)

На сè попопуларната македонска фолкерка Марија Луиса (Тодоровска) најпосле и тргна во љубовта. Откако таа настапи во една многу гледана музичка емисија на “Балкан Мјузик ТВ“ кај познатата водителка Анита Даева (штом си во емисијата кај Даева, популарноста ти скока), мажите немаат веќе мирен сон. Некои одат и дотаму Марија да ја ословуваат со прекарот „македонска Северина“, со таа разлика што нашата нема никаков домашен порнич. И, се разбира, дека не треба да има. Ние сме си и онака фини, сами по себе. Само прашање е како може Марија да изгледа толку слабо, а сè да јаде, од ниту едно јадење да не се одрекува.
– Вистина е тоа дека сè јадам, сите ми се чудат кога ќе седнат со мене на софра, кога ништо не оставам во чинијата, а најголем грев е храната да се фрла. Но тоа не значи дека поради таа причина сè јадам. Не е за тоа. Јас јадам бидејќи ми се јаде, ама ни еден грам сало не ми се фаќа на стомакот. Ништо. Такви ми се гените, вели Марија за весникот ВЕЧЕР.

Оваа сексапилна битолчанка последните месеци освен во својот град под Пелистер, има многу повеќе настапи во Скопје, а штом е така често во македонската метропола тоа значи дека станала прилично омилена пејачка. Ако те прифатат Скопјаните, имаш успех. Марија Луиса која самата си го зема овој прекар, изгледа навистина привлечно, заводливо, секси, додека на нејзините настапи покрај одлична атмосфера, во воздухот се чувствува и зголемен еротски набој.

– На настапите сум секогаш “скромно“ облечена, но вкусно. Еротски! Мора така бидејќи публиката доаѓа не само поради моето пеење, туку и да се запознаат со мене. Сите зборуваат за мојот изглед, па луѓето од љубопитството се организираат масовно да ме видат. Овој пат во ТВ-емисијата на сцената бев облечена во едно фино зеленкасто мини фустанче без ракави, а од кое ми се истакнаа моите убави природни гради. Не сум јас од оние кои се закопчуваат.

Единствено ако спортувам сум со тренерки. За да не настинам, така испотена. Млада сум, убава сум, си ја кажувам вистината, а сè што е убаво треба да се види. Кај мене нема простор за срам. Ништо срамно не работам. Напротив. Истото на сцената го прават и Северина, и Мадона, и Шакира, и Бијонсе и секоја друга која знае како се стигнува до врвот на естрадата. Не само со песна, мора и со изгледот. Тоа оди едно со друго. Така и јас. Мојата публика само нека се опушти и нека ужива во моите настапи, никогаш нема да ги разочарам. Македонската естрада мора да се раздрма, премногу сме заспиени, не смее да биде здодевно, задоволно порачува згодната Луиса за читателите на весникот ВЕЧЕР.