Инфлацијата во Турција не престанува да расте, стигна до 50 отсто

42

Годишната стапка на инфлација во Турција во јануари достигна највисоко ниво од април 2002-ра година. Потрошувачките цени се зголемени за 48,7 отсто во однос на истиот период во јануари минатата година, а за 36,1 отсто во однос на годишната стапка во декември.

Според истите податоци, месечната инфлација во првиот месец од 2022-ра година изнесува 11,10 отсто.

Централната банка на Турција (ЦБРТ) минатата недела ги зголеми годишните прогнози за инфлацијата за оваа, како и за следната година, нагласувајќи дека поддршката на лирата е клучна цел на нејзиниот тековен преглед на политиката.

Проценката на индексот на потрошувачките цени за крајот на 2022-ра година е зголемена на 23,2 отсто, а ЦБРТ во октомврискиот извештај прогнозира дека инфлацијата ќе се намали на 11,8 отсто до крајот на 2022-ра година.

Кога станува збор за 2023-та година, ЦБРТ предвиде инфлација од 8,2 отсто, додека во 2024-та година треба да се постигне прокламираната цел од пет отсто.

Во меѓувреме, податоците за јануари се попесимистички, па се очекува инфлацијата овој месец да достигне рекордни 50 отсто, а во мај близу 55 отсто, додека остар пад се очекува во третиот квартал од годинава.

Исто така, ЦРБТ ја зголеми проекцијата на инфлацијата на храната на крајот на годината на 24,2 отсто, наспроти 13,9 отсто колку што беше проектирана за крајот на 2023-ра година.