Претседателот на Здружението на заразни болести на Србија, Томислав Преведен, вели дека третата доза од вакцината против коронавирусот сигурно ќе биде неопходна и дека стручните тела во Србија треба да дадат сугестии кој треба да ја прими прв, која вакцина да ја користи и кога да се даде таа доза, пренесе „б92“.

„Во таа смисла, многу е важно граѓаните да им веруваат на институциите што ќе направат план за третата доза“, наведе инфектологот.

Тој, исто така, посочи дека нема значителна разлика во клиничката слика помеѓу соевите на вирусот од кои се заболеле заразените, особено меѓу хоспитализираните пациенти.

„Она што меѓутоа се забележува, е влијанието на вакцинацијата, односно, сега во болниците имаме работоспособно население, средовечни и помлади, додека порано имаше многу повеќе постари луѓе“, рече Преведен за весникот „Данас“.

Тој истакна дека возрасната категорија на населението е претежно вакцинирана, така што вирусот најмногу ги погодува луѓето кои не ја примиле вакцината.