Интересот за освојување на власта ќе ја „изеде” листата на услови за коалиции

Политичките актери во полн ек разработуваат сценарија како да постигнат поголем успех и да формираат влада со постабилно парламентарно мнозинство кое ќе им овозможи поголема самостојност во носењето одлуки за државата по изборите на 8 мај. Како што сега стојат работите, владејачките партии СДСМ и ДУИ сè уште не кажуваат дали ќе излезат со заедничка листа, но како што изгледа мали се шансите да имаат заеднички Европски фронтот, со оглед на изјавата на вицепремиерот Артан Груби дека најверојатно двете партии ќе одат одвоено на изборите, иако сè уште се прават анализи. Од друга страна, по изборите, Груби не исклучи да има постизборна коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ но, под услов таа партија да ги изгласа уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата, кои се неопходни за придвижување на патот кон ЕУ

122

Политичките актери во полн ек разработуваат сценарија како да постигнат поголем успех и да формираат влада со постабилно парламентарно мнозинство кое ќе им овозможи поголема самостојност во носењето одлуки за државата по изборите на 8 мај.

Кој со кого и зошто некои партии нема да одат заедно на парламентарните избори е клопче кое почна да се одмотува откако мината недела партиите ги објавија и претседателските кандидати за изборите на 24 април.

Како што сега стојат работите, владејачките партии СДСМ и ДУИ сè уште не кажуваат дали ќе излезат со заедничка листа, но како што изгледа мали се шансите да имаат заеднички Европски фронт, со оглед на изјавата на вицепремиерот Артан Груби дека најверојатно двете партии ќе одат одвоено на изборите иако сè уште се прават анализи. Од друга страна по изборите Груби не исклучи да има постизборна коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ но, под услов таа партија да ги изгласа уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата, кои се неопходни за придвижување на патот кон ЕУ.

Во меѓувреме проценките дека е подобро да бидат на една заедничка листа, ги обедини опозициските албански партии кои излегоа и со свој кандидат за претседател Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. И Таравари исто како и партијата на Али Ахмети го поврзува учеството во владата со отворање на Уставот и вметнување на Бугарите во преамбулата.

Оттука, во актуелниот момент се чини дека уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата ќе биде главен камен на сопнување во изборните преговори за формирање на влада по изборите напролет. Владејачката СДСМ нема проблем со тоа, додека од друга страна ВМРО-ДПМНЕ има конзистентен став дека не сакаат да има уставни измени под бугарски диктат.

Во неизвесност кој со кого ќе коалицира, дел од аналитичарите  за медиумите велат дека сепак на крајот бројот на освоени мандати ќе бидат одлучувачки при составувањето на идната влада, и дека доколку партиите освојат доволен број пратеници, тие нема да бидат ставени во ситуација да бидат условувани со разни барања на политички пазар.

И од СДСМ не кажуваат дали ќе настапат на избори со ДУИ, но вчера пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, изјави дека партијата е обединета и дека знае дека мора да дејствува заедно, а дека СДСМ ќе ја формира новата влада.

Собранието има 120 пратеници, а за состав на новата влада е потребна поддршка од 61 пратеник.

Друг услов, што од скоро се наметна на политичката сцена, е изборот на претседателот на државата во Собрание, но се чини дека партиите по само неколку денови почнаа да се повлекуваат од оваа идеја и најавуваат дека тоа нема да биде услов за заеднички настап.

Па, така Арбен Таравари, кој е претседателски кандидат на албанските опозициски партии, завчера појасни дека изборот за претседател на државата во Собрание не е услов за формирање идна владина коалиција, туку предлог, идеја за која бара да се дискутира и да се отвори поширока општествена дебата.

Претходно лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, и Арбен Таравари излегоа во јавноста со иста политичка идеја – укинување на претседателските избори и избор на претседател во Собранието. Оваа идеја на албанските партии за избор на претседателот на државата во Парламентот беше обелоденета откако беа промовирани нивните претседателски кандидати минатата недела.

Но, Таравари завчера во гостувањето на Сител, посочи дека предлогот за избор на шеф на државата во Собранието е само политичка идеја.

– Идејата не беше да се условува. Јас не кажав двотретинско мнозинство, кажав обично мнозинство со 61 глас. Но сериозно треба да размислиме за ова. Претседателот на државата во Македонија нема некои ингеренции повеќе отколку во други држави слични како Македонија и во кои претседателот се избира во Парламентот. Зошто не би размислувале и зошто не би отвориле една дебата меѓу нас. Многу работи има кои не функционираат во државата – вели Таравари.

Тој е дециден дека во неговиот говор не спомнал дека ова е услов за формирање идна владина коалиција.

– Не, во мојот говор, тоа воопшто не беше спомнато тоа условување, туку кажавме дека ако отвориме веќе промени во Уставот, освен што бугарското и другите малцинства треба да се додадат, што е услов за започнување со преговорите, реков дека е добро да се повлече и 20 отсто од Уставот за албанскиот јазик и трето да се отвори дебата и дискусија за евентуален избор на претседател на државата, како што се случи во 90-тите години кога беше избран првиот претседател на Република Македонија – нагласи Таравари.

Тој смета дека тоа што најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе го отфрлија предлогот за избор на претседател во Собрание, се должи на нивната емотивна реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве рекоа дека ова барање нема врска со реалните потреби на граѓани туку е инструмент во рацете на ДУИ за уцени на другите политичари на македонската политичка сцена на чекор пред изборите.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече треба да се игнорира идејата на ДУИ за избирање претседател на државата во Собранието со оглед дека како што рече „ДУИ не е фактор што може да наметне ваква тема, и додаде дека „дрскоста да каже такво нешто и да го поврзе со уцена за излезноста на изборите, е недржавен чин“.

-За многу кратко време од денес ДУИ ќе бидат пратени во политичка пензија и голем дел од нив ќе бидат дел од процеси каде што ќе треба да ја докажуваат својата невиност зашто постојат основани сомневања дека сториле огромен криминал, изјави Мицкоски.

Тој уште еднаш кажа дека ВМРО-ДПМНЕ по изборите е подготвена да разговара на сите теми, но и дека има свои услови.

-ВМРО-ДПМНЕ има политички позиции за многу од овие теми и зависно кој ќе биде соговорникот, се надевам дека заедно ќе работиме во интерес на граѓаните и државата, рече Мицкоски.

 (М.С.)