ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН ШАПУРИЌ: Работиме во сложени услови на пандемија, но корона-кризата не го забави увозот и извозот на земјоделските производи

Инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство и во време на пандемија се постојано на терен и вршат контрола на внатрешните и пограничните пунктови за да нема застој при извозот и увозот на земјоделските производи. Во период јануари – август, оваа година, се извршени вкупно 24.500 инспекциски надзори и се изречени 327 инспекциски мерки и тоа: 12 кривични пријави, 98 прекршочни пријави, 137 мандатни казни, 27 налози за порамнување и 63 поуки, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Зоран Шапуриќ

325

Постојано сте на терен, Државниот инспекторат за земјоделство е еден од најголемите во државата и под негова надлежност се увоз, извоз и откуп на земјоделски производи, земјоделски аптеки, државно земјоделско земјиште… Дали корона кризата ги помати, поточно ги забави редовните активности на Инспекторатот. Се чувствува ли оваа епидемиолошка состојба на терен?

Како и сите други институции и Државниот инспекторат за земјоделство во овие седум месеци работи во сложени услови на пандемија. Се трудиме максимално да ги почитуваме сите мерки и да го заштитиме здравјето на сите вработени во ДИЗ, како и на сите субјекти со кои стапувавме во контакт при вршење на обврските. И покрај пандемијата успеваме да ги завршиме навреме и да нема застој во работењето. Само како пример ќе наведам дека фитосанитарните инспектори, како во внатрешноста и така и на пограничните пунктови, работеа цело време и немавме никаков застој при извозот и увозот на земјоделските производи. И преостанатите активности се одвиваа без некој поголем застој така што досега се исполнети над 90 отсто од планираните активности, за што добивме и позитивни оценки од Инспекцискиот совет. Во период јануари – август, оваа година, беа извршени вкупно 24.500 инспекциски надзори, од кои 18.300 од земјоделските инспектори и 6.200 од страна на фитосанитарните инспектори.

Со какви проблеми најчесто се соочувате на терен? Фрчат ли казни? За што се досега најчесто изречени и колку?

Земјоделството е важна стопанска гранка во Република Северна Македонија, како што наведовте и самите, надлежностите на овој инспекторат се мошне обемни и комплексни. Заради природата на работата изрекување на казни е една од мерките кој се носат при вршењето на надзор. Оваа улогата на инспекторатот е и превентивна со цел да се спречат поголеми повреди на законот. Во периодот јануари – август се изречени 327 инспекциски мерки и тоа: 12 кривични пријави, 98 прекршочни пријави, 137 мандатни казни, 27 налози за порамнување и 63 поуки.

Државниот инспекторат за земјоделство ги олесни процедурите и го намали надоместокот за регистрација на мали винарници од 10.000 на 1.500 денари. Дали тоа го зголеми интересот за регистрација на вакви семејни винарници?

Извршено е намалување на надоместоци за регистрација на мали семејни винарници кои произведуваат до 30 илјади литри вино, во соработка со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Како резултат на тоа е зголемен и интересот за нивна регистрација и за само неколку месеци се регистрирани 15 мали семејни винарници. Очекуваме да се зголеми и бројот на регистрирани мали семејни винарници. Со регистрацијата овие винарници може да аплицираат за добивање на средства од домашни извори, како и од фондовите на ЕУ за проширување на своите капацитети, за унапредување на технологии и за маркетинг. И во иднина ќе треба да се работи на измена на регулатива со цел создавање на услови за натамошна експанзија на овие винарници.

Со оглед на тоа што постојано се инсистира винарниците да имаат коректен однос кон земјоделците и да формираат цени кои нема да бидат навредливи за нивниот труд, тоа на терен не се почитува. Ќе има ли засилени контроли поради малверзации кои се прават околу проценката на шеќерните единици?

Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен, а особено за време на откуп на земјоделски производи. Имајќи предвид дека сезоната на откуп трае цела година, значи дека овој надзор е постојан. Заврши откупот на раноградинарските производи, привршува откупот на патлиџаните, краставиците, праските, пченицата и пченката, во тек е откупот на пиперката, на јаболкото и на винското грозјето, кој годинава започна малку подоцна од вообичаено поради врнежите во изминатиот период. Во поглед на цената на грозјето, премиерот Зоран Заев минатата недела истакна дека државата ќе ги зголеми субвенциите од 2 на 4 денари за килограм за сортите „смедеревка“ и „вранец“, како и 2 денари за високсортното винско грозје. Дополнително за винарниците кои извезуваат ќе им се субвенционира транспортот во висина од 30 отсто за флаширано вино и 20 отсто за наливното вино. Со ова се очекува цената на „вранецот“ и „смедеревката“ да биде иста како и минатата година. Инспекторатот е постојано на терен и врши надзор над откупот на грозје во рамките на своите законски надлежности дали се истакнати цени, дали се доставуваат извештаи до надлежните институции, дали имаат сертификати од овластените државни институции вагите за мерење, како и дали се поседуваат потребните сертификати за исправноста на уредите за мерење на шеќерните единици, така што ако не ги поседуваат наведените сертификати, откупувачите ќе бидат казнети.

Секоја година земјоделците од Кочанско ги палат оризовите стрништа. Што презема Инспекторатот за да ја спречи оваа појава која последниве години зема сè поголем замав?

Палењето на стрништа е децениски проблем, а особено на оризовите полиња во Кочанско. Оваа појава доведува до зголемување на загадувањето и претставува опасност од избувнување на пожари. Во соработка со другите инспекторати, институции и единиците на локална самоуправа се врши постојан надзор. Минатата година се извршени 454 инспекциски увиди, поврзани со палење на стрништата, и се издадени 45 платни налози и се поднесени 12 барања за прекршочни пријави. Но сепак, мора да се работи на подигање на јавната свест за штетноста на оваа појава. Заедно со МЗШВ и Министерство за животна средина организираме кампања за подигање на јавната свест за сузбивање на оваа негативна појава. Најважно е сите да разбереме дека палењето на стрништата е многу опасна појава, а улогата на медиумите во подигање на јавната свест е многу важна.

Земјоделците бараат поголема контрола при откупот и на другите земјоделски култури. Велат дека откупувачите ги уценуваат, им ги проценуваат производите со пониска класа, им крадат на ваги… Дали Инспекторатот има доволно инспектори да одговори на барањата на земјоделците и на потребите на терен?

Откупот се контролира преку редовен инспекциски надзор, како и преку вонредните надзори кои се вршат по пријава на земјоделците. Инспекторатот во согласност со законите врши контрола дали откупувачот е регистриран во регистарот што го води МЗШВ, дали се истакнати прописно откупните цени, дали се издаваат потребните откупни белешки, дали се исполнети законските услови за отворање на пунктови, дали се почитуваат процедури итн. Во однос на висината на истакната цена во пазарни услови институциите немаат надлежност. Што се однесува до бројот на инспектори веќе пет години не е вработен ниту еден инспектор, а во меѓувреме во пензија се заминати 12 инспектори. Во моментот има вкупно 102 инспектори, од кои 8 користат мерки за отсуство од работа поради хронични болести. Во тек е постапка за вработување на 20 лица во ДИЗ од кои 15 се инспектори. Постапката започна на крајот на минатата година, но беше запрена поради изборните дејствија и пандемијата и би требало најдоцна до крајот на ноември да заврши, за овие вработени да бидат примени на работа. Инаку, според законските прописи, инспекторите ќе треба да добијат лиценца, односно да полагаат испит, а пред тоа да имаат приправнички стаж, па да бидат именувани како помлади инспектори за да во рок од две години бидат унапредени во инспектори.

На граничниот премин „Блаце“ беше пуштени во употреба нов објект на ДИЗ за вршење на инспекциски контроли. Со каква опрема располага објектот и како се одвиваат контролите?

Се работи за современ објект донација на ЕУ кој има современ простор за фитосанитарен преглед, но се разбира мебелот и друга опрема треба да се набават во наредниот период за што треба да се обезбедат буџетски средства.

Колку казни имате изречено за злоупотреба на државно земјоделско земјиште, бидејќи имаше обвинувања дека некој од земјоделците не го користат за сопствено производство туку го издаваат?

Надзор над неправилно користење на земјоделско земјиште како што ненаменско користење, евентуална узурпација, како и на користење на субвенции се врши постојано. Ако при надзорот се констатира неправилност, се известува ресорното министерство кое во случај на неправилно користење на земјиштето може да поведе постапка за раскинување на договор. Оваа година досега се составени 598 записници за извршен надзор над користење на земјоделско земјиште, при што се издадени 61 решение за отстранување на утврдените неправилности, 27 прекршочни платни налози и поднесени се 6 барања за поведување на прекршочна постапка.

Со години наназад езерата, реките и акумулациите во Македонија се мета на рибокрадците. И покрај постојаните обиди со закон и со други правни дејствија да се воспостави ред во оваа област, резултатите речиси и да ги нема. Дали ќе се стави мораториум за лов и на други риби освен на пастрмката?

Инспекторатот во соработка со МЗШВ и другите институции констатираше низа неправилности во стопанисување на концесионерот на Охридското Езеро. Како резултат на ова Владата го раскина договорот за концесија на Охридското Езеро и формираше координативно тело кое дава инструкции за вршење на координиран надзор. Со оглед на тоа дека во моментот нема концесионер, има целосна забрана за риболов не само за пастрмката туку и за сите видови на риби во езерото. Инаку во период јануари – јуни ДИЗ поднесе 12 кривични пријави за криволов, 90 мандатни казни и поднесе 25 прекршочни пријави против сторителите кои го прекршиле законот.

(А.С.)