Интервју со Антоние Весковски, перкусионист и композитор: На сцената секогаш ја имам искрената енергија која се гледа и прифаќа

181

Извонредните изведби на Весковски, кој зад себе веќе има голем број настапи низ светот, како солист, во состави, но и во соработка со големи светски музички имиња, се доволна причина со него да разговараме за музиката, плановите и идните музички проекти. За неговата виртуозност и настапите на сцена, пак, многумина ќе речат дека се настап на “човек-оркестар” токму поради владеењето со голем број инструменти, главно ударни, но тој е и композитор…

Потекнувате од музичко семејство и некако сосема е логично што ја избравте музиката како професија, но зошто изборот беа токму ударните инструменти?
За мојот избор би рекол дека е “виновен” мојот темперамент, кој го носам уште од дете. Гледајќи ги тапаните, кои се мојата прва љубов, почувствував голема привлечност кон тој инструмент и така некако мојата приказна започнува. Откако почнав да изучувам ударни инструменти во нижото музичко, се запознав и со интрументи кои за мене тогаш беа нешто ново, а кои сега активно ги свирам. Маримба и вибрафон ќе ги издвојам како едни од главните во групата на ударни инструменти кои јас ги свирам. Како што се запознавав со перкусиите и почнав да ги свирам, сфатив дека сакам да ги истражам и да ги научам. Со започнување на моите студии знаев дека тоа што сакам да го правам во животот е музика и натаму ја насочив целата моја енергија. На мојот музички пат изучив и други инструменти како гитара, бас, клавир, кои многу ми помогнаа да ги проширам моите видици.

Од оваа палета на инструменти вибрафон, тапани, маримба… со кои во повеќе наврати ја докажавте својата виртуозност, кој е Вашиот инструмент број еден?
Никогаш не би можел да издвојам еден пред сите поради тоа што на секој инструмент различно му пристапувам. Кога работам активно на проект каде што треба да свирам маримба или вибрафон тогаш секако вниманието ми е насочено таму, а кога работам со бендови и свирам тапани приоритетите се менуваат. Посветеноста и работата мора да биде константна кон секој интрумент како и работата на самиот себе. Поради мојот избор да бидам паралелно посветен на повеќе страни и сето тоа да биде успешно морам времето да го менаџирам и да одвојувам доволно време на работа, за себе, пријатели, фамилија… што на крајот на денот носи еден баланс кој е многу битен за успех.

Како домашните и соседите се справуваат со Вашите подготовки за настапи?
Кога е во прашање толеранција за моите инструменти и нивната моќ да го разбудат пола маало, до сега немав проблем. Моите родители на време сфатија по кој пат ќе оди нивниот син, па веќе од петто одделение се погрижија да имам приватност, а со тоа и да не му пречам никому. Инвестираа и ми овозможија простор каде што јас можам да свирам и да создавам, за што сум им неизмерно благодарен. Имањето на простор каде што можам да свирам и да правам проби со бендови или какви било состави е една огромна олеснителна околност.

Настапувате како солист, но и како дел од повеќе состави во Македонија и странство. На што сте сконцентрирани во моментов?
Во моментов би рекол дека сум во еден нов, многу свеж музички и личен период. Започнувам два нови проекта за кои се надевам дека годинава ќе чуете и ќе видите, но не би откривал повеќе за да останат работите свежи. Работам на репертоар за дуото “ Цлаирвоѕанце“, во кое сум заедно со хрватската пијанистка Барбара Бего и годинава имаме закажани две турнеи низ Хрватска, а во план се и настапи во Македонија. Работам и на моја авторска музика за перкусии и планиран е видеоспот за композицијата “Rapids” за маримба и вибрафон. Покрај плановите кои, за среќа, брзо се развиваат, секогаш се тука и непланирани настапи и ангажмани.

И компонирањето е дел од Вашиот интерес. Колку успевате да се реализирате во оваа област?
Тоа е една од моите нови “симпатии“ на која сум посветен доста во последниве години. Се започна од правење музика за бендови во кои сум бил, па потоа се насочив на тоа да размислувам како би можел инструментите кои ги свирам да станат еден друг личен израз. Под тоа подразбирам како енергијата што ја носам да ја изразам во музика и со тоа да создавам и да пренесам една моја музичка приказна на јавноста. До сега како завршени дела кои јавно ги имам изведено се “Rapids“ и “Conversion ” за кои добив одлична поддршка од публиката и секако тоа прави да творам и работам повеќе на мојата музика.

Настапувавте низ светот со широк спектар на дела во рамките на репертоарот. Според Вас, кој вид на музика предизвикува најголем интерес кај публиката?
Интересот е пред се лично насочување на тоа што ни се допаѓа и што ќе одбереме или, пак, какво влијание сме имале за нештото да ни стане интерес. Затоа сметам дека треба да наоѓаме пристапи кои ќе се водат по некои главни параметри на прифаќање на музиката, а тоа значи да бидеме искрени, енергични и да знаеме што сакаме да пренесеме како порака. Затоа ќе кажам дека како жанр или стил на музика сите ние пронаоѓаме што ни се допаѓа, но ако ги нема тие главни параметри, нашата музичка мисија може и да не биде толку успешна. Без разлика дали сум на сцена со оркестар, како солист или пак со бенд, секогаш ја носам истата искрена енергија која во сите случаи се гледа и прифаќа. Публиката знае за што е дојдена да слуша и во тој случај до нас е колку ние ќе ја пренесеме пораката за потоа таа да може да развие одреден интерес кон нашата музика.

Колку сте задоволни од соработката со странски музичари и оркестри и какви се Вашите планови во оваа насока?
Соработката со странски музичари и оркестри има едно посебно влијание врз мојот живот. Кога ќе се соочиш со делување на луѓе кои не се од твоето секојдневие и кога ќе сфатиш колку всушност светот е голем и не постојат граници, почнуваш поразлично да ги перципираш нештата. Тоа ми даде една сигурност или поддршка за да продолжам да го правам тоа што го правам. Видов колку моите можности се големи, но до мене е кога и како ќе им пристапам. Моите цели се насочени кон дејствување и надвор од Македонија поради поголемите можности и секако толеранцијата и прифаќањето на странската публика.

Кој е концертот од Вашата богата музичка кариера кој би го издвоиле како посебно важен за вас и зошто?
За мене секој настап е битен и тој што бил и тој што ќе следува. Како најактуелен би го издвоил концертот “Advent”, на 5 декември 2018, на малата сцена на Македонската опера и балет, што за мене претставуваше повеќе од само концерт. Со тој концерт јас одбележав доаѓање на нешто ново во мојот живот, односно почнување на ново професионално дејствување. Минатата година беше доста успешна, се случи настап како солист со Македонската филхармонија, дипломирање на Факултетот за музичка уметност, првпат го изведов моето дело “Rapids” на реномираниот фестивал за современа класична музика “Денови на македонска музика”, настап на ОФФЕСТ со групата Fighting Windmills, издадени два албума… Со концертот ” Advent” одбележав еден претходен период со кој се поттикнав за наредни стремежи и успеси. (Д.Т.)

 Со светските музичари на светските сцени

Весковски соработува во оркестарот на Македонска ата филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет и е член од ансамблот за современа музика “КонТемпора„. Членувал и во оркестрите на Македонската радио телевизија, Градскиот дувачки оркестар, Симфониски оркестар при ФМУ, BISYOC International Orchestra, Bulgaria Classic – Италија, Академскиот хор “Мирче Ацев„… Дел е и од проектите на диригентот Емин Џијан заедно со легендата на африканската музика Феми Кути и доајенот на техно-звукот Хуан Аткинс каде што стои зад вибрафонот заедно со Македонска филхармонија…

Тој изведува и се посветува и на македонското творештво за перкусии, а дел од неговиот репертоар се: “Танец„ од Томе Манчев, “Херувими„ од Стојан Стојков, Таурус Драгослав Ортаков, Македонска Рапсодија од Наташа Стојановска…