Интервју, Кристијан Тимоние: ЕУ од Македонија бара стабилна Влада и цврсто лидерство

Во најкраток можен рок Македонија да добие стабилна и ефикасна влада со комплетен демократски легитимитет, порачува амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, во интервју за весникот ВЕЧЕР. Тимоние вели дека новата влада треба да создаде широко мнозинство за усвојување на нови закони што ги бара ЕУ, а партиите треба да се усогласат за почитување на меѓународните договори. Брзо формирање функционална влада е потребно и за да се искористи овој генерално поволен момент за земјава, апелира амбасадорот. Тимоние порачува активностите на комисиите во рамките на македонско-бугарскиот договор за пријателство да продолжат во конструктивна насока, во европски дух, без интерференции со дневната политика. Неговиот став во однос на затворањето на границите поради ковид-19, е дека тоа е несреќна, но неизбежна опција

450

Кога дојдов во Македонија ми рекоа дека ќе бидам или премногу спокоен или премногу зафатен амбасадор, вели амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, во интервју за весникот ВЕЧЕР, еден месец пред завршувањето на неговиот мандат и заминувањето од Македонија. Во интервјуто тој зборува за актуелната политичка ситуација во земјава, изборите и формирањето Влада, како и за новата методологија и преговарачката рамка за Македонија со ЕУ. Неизбежна тема е и пандемијата од ковид-19, како и затворањето на границите, што според францускиот амбасадор е несреќна, но неизбежна опција. Амбасадорот Тимоние вели дека по заминувањето од Македонија најмногу ќе му недостасуваат пријателите што ги стекнал тука, но порачува дека ќе доаѓа да ги посетува омилените места во земјава и ќе следи како се применуваат препораките на УНЕСКО за зачувување на Охридското Езеро

• Амбасадоре, политичките партии во Македонија се договорија и минатиот месец се гласаше за народни избраници. Имавме ли европски избори?

Одредени забелешки на ОДИХР и на ОБСЕ, заслужуваат да бидат земени во предвид, особено во однос на менувањето на регулативата во период непосредно пред изборите. Покрај тоа, обвинувањата за финансиски притисок врз одредени ранливи категории или купување гласови, мора да бидат документирани или проверени за да не остават дамка врз резултатите, за истите да бидат неспорни имајќи предвид дека станува збор за тесен изборен резултат.

Конечниот договор меѓу политичките партии за датумот на предвремените избори, овозможи да се влезе во нов период, да се конституира новиот парламент и да се пристапи кон многуочекуваното формирање влада, која несомнено ќе биде одговорна да ги спроведе првите чекори на земјата низ преговорите за пристапување кон ЕУ. Одржувањето на изборите во фер услови, како во поглед на конкурентноста, така и на техничката организација, каде што партиите успеаја потполно да ги претстават своите програмски цели додека се наоѓаме во период на една исклучителна пандемија, е постигнување што треба да се поздрави. Тоа е всушност потврда за поволниот развој на настаните од 2016 година наваму. Сепак, одредени забелешки на ОДИХР и на ОБСЕ, заслужуваат да бидат земени во предвид, особено во однос на менувањето на регулативата во период непосредно пред изборите. Покрај тоа, обвинувањата за финансиски притисок врз одредени ранливи категории или купување гласови, мора да бидат документирани или проверени за да не остават дамка врз резултатите, за истите да бидат неспорни имајќи предвид дека станува збор за тесен изборен резултат. Според сите демократски стандарди, без разлика дали се работи за клевета или за вистина, во двата случаи тоа е неприфатливо. Од друга страна, не можеме да не бидеме загрижени пред зголемувањето на бројот на т.н. „бомби“ како регулатори на политичкиот живот, додека многумина се жалат, а тоа е случај и кај нас во Франција, на недостаток од демократија во партиски рамки. Конечно, сајбер-нападите, кои го одбележаа објавувањето на резултатите, покренуваат едно основно прашање, како овде така и во други земји, за ефикасноста на заштитата на изборите од вакви манипулации или надворешни интервенции.

• Непосредно по изборите, Вие бевте еден од амбасадорите кои имавте средба со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Се сретнавте и со Зијадин Села. Официјалните соопштенија за овие средби ги видовме. Имавте ли средби и со претставници на други политички партии и за што разговаравте на постизборните состаноци? Што баравте од нив конкретно?

Франција посакува Северна Македонија да биде цврст партнер, кој во најкраток можен рок ќе добие влада која ќе има комплетен демократски легитимитет, што ќе овозможи да се остварат стремежите на општеството и нашата желба за засилено партнерство. Тоа подразбира дека засегнатите политичките партии ќе се усогласат меѓусебно за почитување на меѓународните договори и продолжување на напорите во насока на унапредување на владеењето на правната држава, преку решителна борба против корупцијата, за политички неутрална администрација и независна правда.

Каков е Вашиот став за прашањето за ротирачки премиер?

Франција не треба да се меша во договори меѓу политички партии додека се почитува конститутивниот процес. Наша желба е да се формира стабилна и ефикасна влада, способна да се справи со здравствената, економската и социјалната состојба предизвикана од пандемијата, а притоа да создаде потребна динамика за забрзување на реформите кои ќе овозможат влез во ЕУ.

• Кои треба да бидат приоритетите на идната Влада?

Ќе биде важно да се создаде широко мнозинство за усвојување на одредени нови закони што ги бара ЕУ.

Може да зборуваме за два приоритета: ефикасната борба против пандемијата и заштитата на општеството од нејзините последици: заштита на најранливите категории, приспособување на економијата, зајакнување на меѓународната соработка. Продлабочувањето на соработката со Европската Унија преку очекуваното започнување на преговорите, ќе бара активна подготовка од страна на Владата, на сите засегнати чинители: Секретаријатот за европски прашања, министерствата, итн. Може да претпоставиме дека силна и единствена влада со стабилно и цврсто лидерство, најдобро ќе ја исполни оваа цел. Исто така, ќе биде важно да се создаде широко мнозинство за усвојување на одредени нови закони што ги бара ЕУ. Затоа очекуваме дека, по забелешките на Уставниот суд, законот за спречување и заштита од дискриминација ќе се донесе во соодветна форма во согласност со заложбите на најголемите политички партии.

• Новата методологија беше услов од францускиот претседател Емануел Макрон кога во октомври не се согласи за датум за преговори за Македонија. Сега пристапот е променет, изборите беа оценети како успешни, што исто така беше еден од условите за почеток на преговори. Македонија пред две години прослави за добивањето датум и сè уште го чекаме. Последните најави се дека до крајот на годината ќе се одржи првата меѓувладина конференција што ќе го означи почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Можни ли се некакви изненадувања повторно, како на пример од Бугарија?

Европа поминува низ тежок период поврзан со последиците од Брегзитот и пандемијата, но таа се наоѓа исправена пред нова позитивна етапа од својата изградба, благодарение на најновите француско-германски иницијативи за обединување на ресурсите наменети за економска реконструкција. Исто така, развиена е нова методологија, на барање на нашата земја, за да се обезбеди пореален и поефикасен пат за интеграција на нови членки. Таа наскоро ќе се спроведе преку очекуваното усвојување наесен на рамката за преговори со Албанија и Северна Македонија. Во март имаше широк консензус меѓу земјите-членки за тоа дека е време да се земе предвид отворањето на преговорите, особено со поддршка од соседните земји. Брзото воспоставување на функционална влада би овозможило најдобро да се искористи овој генерално поволен момент за земјата.

• Европската комисија минатиот месец ја претстави нацрт-преговарачката рамка за земјава, односно ги кажа своите позиции. Во рамката, јазикот е македонски. Очекувате ли промена во содржината на документот, со оглед на тоа што сите земји членки треба да ја го прифатат и одобрат текстот, а знаеме дека соседна Бугарија имаше барања во однос на македонскиот јазик?

Активностите на комисиите во рамките на македонско-бугарскиот договор за пријателство треба да продолжат во конструктивна насока, без интерференции со дневната политика, во вистински европски дух.

Северна Македонија имаше силна поддршка од соседите кои добро знаат дека регионот нема да може да напредува во европски рамки без обединетост и ако не им се стави крај на симболичните спорови. Нашата Европа не е трговски центар со продавници наредени една до друга, туку простор за почитување и заемно збогатување на нашите национални традиции. Со тоа сите се согласуваат, но неопходно е секако, да се договорат актите и принципите. Треба да ги поздравиме активностите што ги спроведоа комисиите конституирани во рамките на македонско-бугарскиот договор за пријателство, што го следиме со најголемо внимание. Тие активности треба да продолжат во конструктивна насока, без интерференции со дневната политика, во вистински европски дух. Франција предложи да се формира Опсерваторија за наставата по историја под покровителство на Советот на Европа, што ќе овозможи активен напредок кон помирување во поглед на настаните од минатото.

• Има ли Франција, како иницијатор на оваа методологија, некои забелешки за нацрт-текстот на преговарачката рамка?

Правото не може да биде опција „а-ла-карт“ по одредени фундаментални точки и тоа е суштински влог во европската изградба. Напредокот што ќе се постигне ќе треба да биде поддржан и награден, но и секое назадување ќе треба да биде санкционирано.

Комисијата заврши одлична работа врз основа на новата методологија. Се разбира, потребно е да се добие одобрување од земјите-членки. Франција смета дека одредени клучни елементи ќе овозможат успех во преговорите, а тоа пак, во суштина, ќе значи поткрепа не само формално туку реално и иреверзибилно на усвојувањето на темелите на неприкосновеното владеење на правото. Правото не може да биде опција „а-ла-карт“ по одредени фундаментални точки и тоа е суштински влог во европската изградба. Напредокот што ќе се постигне ќе треба да биде поддржан и награден, но и секое назадување ќе треба да биде санкционирано. На тој начин, ќе се одговори на стремежите на населението на овие простори кое има силни очекувања од Европа. Таа не смее да ги затвора очите пред лошото владеење, зашто понекогаш е многу тешко тоа да се исправи откако ќе завршат преговорите. Зборуваме за потрошени милијарди и за милиони млади кои продолжуваат да ги напуштаат своите земји. Внатрешните реформи, конвергенцијата на системите и преговорите мора да преставуваат неделива целина.

• Веќе половина година светот се соочува со пандемијата од ковид-19. Вие овој период го поминавте во Македонија. Каква е вашата оценка за справувањето на земјава со заканите од коронавирусот?

Сè уште сме среде криза и би било неодговорно да се даваат конечни мислења. Учествувајќи во набљудувањето на изборите, од моја страна, забележав извонредна мобилизација на граѓаните и власта во поглед на почитувањето на здравствените протоколи. Покрај тоа, како и кај нас во Франција, понекогаш е тешко да се признае дека општествените обичаи или религиозната вдахновеност мора да отстапат пред интересите на заедничкиот излез од сегашната состојба. Како и да е, се чини дека овде, како и во Франција, лекциите ги научивме откако бевме сведоци на одредена непретпазливост. Веројатно како и кај нас, летните одмори донесоа разбирливо опуштање, кое пак опасно ги загрозува постигнатите резултати. Треба да најдеме рамнотежа помеѓу животот кој мора да продолжи и деструктивната лежерност. Во тој поглед, сметам дека отворањето на Охридскиот фестивал, на коешто имав желба да присуствувам, беше извонреден пример за почитување на сите мерки на претпазливост. Неговата реализација беше храбар избор и извор на надеж. Затоа што сите чекаме нашите лаборатории да ја пронајдат вистинската вакцина… Ја цениме поддршката што ја даде македонската Влада на француско-германската декларација за вакцина што ќе биде достапна за сите.

• Во обид да се заштитат од коронавирусот, државите ги спуштија рампите. На почетокот, додека немаше заразени во сите земји, тоа беше логично. Но, има ли дискусии во ЕУ за враќање на слободното движење на луѓето, со оглед на тоа што ковид-19 досега покажа дека ниту една граница не е пречка за вирусот и веќе го има во секоја земја?

Со оглед на тоа што состојбите се разликуваат од една земја до друга, како и ефективноста на борбата против пандемијата, затворањето на границите останува несомнено несреќна опција, но се покажува како неизбежна.

Франција се изјасни дека се залага за што пообединет европски одговор кон трети земји, особено во поглед на слободното движење во Шенген зоната. Но, со оглед на различните капацитети на секоја земја – членка во однос на здравствените и другите општи околности во време на пандемија, разбирливо е дека се преземаат локални или ад-хок мерки. Може да видиме и дека секоја земја сериозно размислува, во зависност од ситуацијата во којашто ќе се најде, да пристапи кон систематско затворање на одредени градови или региони доколку тоа биде потребно. Со оглед на тоа што состојбите се разликуваат од една земја до друга, како и ефективноста на борбата против пандемијата, затворањето на границите останува несомнено несреќна опција, но се покажува како неизбежна. Сепак, треба да се забележи дека земјите-членки сега настојуваат редовно да се консултираат едни со други на оваа тема. Ако знаеме дека здравјето е во надлежност на државата, тогаш е јасно дека во оваа област, обидите за постигнување меѓусебен договор стануваат сè почести, под притисок на реалните состојби.

• Идниот месец завршува Вашиот четиригодишен мандат како амбасадор на Франција во Македонија. Во тој период многу клучни работи се случија во земјава и вие бевте активен набљудувач на сето тоа. Ако направите едно резиме, каде што беше Македонија пред 4 години, каде е сега?

Кога дојдов овде, ми рекоа дека земјата се наоѓа на крстопат помеѓу стагнација кон релативна изолација и донекаде бурно продолжување на нејзиниот европски пат. Ми рекоа уште и дека ќе бидам или премногу спокоен амбасадор или премногу зафатен. Македонците направија (добар) избор наместо мене!

• Кој е Вашиот следен ангажман како дипломат?

Таму каде што ќе бидам, ќе настојувам да се чуе гласот на Франција која се залага за изградба на горда, ефикасна и обединета Европа која ќе може да им одолее на големите предизвици што ни претстојат.

• Дали ќе доаѓате во Македонија и во иднина, да ги посетите Вашите омилени делови од земјава како што ни откривте во едно интервју за весникот ВЕЧЕР, Преспанското Езеро и островчето Голем Град, црквата во Курбиново и Шарената џамија во Тетово и секако да се видите со пријателите што ги стекнавте тука?

За време на изборната кампања со големо задоволство го проследив ветувањето дека конечно ќе започне многупати одложуваната реставрација на црквата во Курбиново, скапоцен камен на нашето европско духовно наследство. Тоа е апсолутно неопходно за да се обезбеди опстанок на ова ремек-дело на светската уметност. На списокот на моите омилени места, ќе ја додадам и црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, со нејзиниот служител, секогаш дискретен и пријателски настроен за време на моите долги посети. Со задоволство ќе се вратам да видам како се применуваат препораките на УНЕСКО за зачувување на Охридското Езеро, благодарение на храброста на одредени претставници на власта и будноста на граѓанското општество. Тоа би било доказ за значаен колективен успех. Но, за едно сте во право: најмногу ќе ми недостасуваат пријателите!

Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА