Писателката Исидора Бјелица ќе биде погребана во Алејата на заслужни граѓани на Новите гробишта во Белград, во сабота во 16 часот.

„Многу е тешко да се организира погреб за време на пандемија … Комеморацијата ќе се одржи во сабота во 12 часот во малата сала на „Сава“ центарот, додека погребот ќе биде истиот ден“, објави нејзиниот син Лав Пајиќ.

Исто така додаде и дека борбата на неговата мајка траела речиси осум години, а во последните месеци, вели, таа се борела за секој здив, и не сакала да покаже колку и е тешко, но пишувала речиси до самиот крај.

Исидора Бјелица почина во средата во Белград на 52-годишна возраст, по долгата и тешка битка со болеста.

Таа има објавено над шеесет книги, педесет под свое име и петнаесет под псевдоним.
Добитничка е на бројни награди за литература и публицистика, два златни бестселери, награда Самсунг за култура, Гала награда на ТВ Политика 2002, Најомилени жени од 21 век, награда за литература на студенти од Сорбона и многу други признанија за бројни хуманитарни ангажмани.