“Секое дело носи своја порака, а мојата е да се замислиме малку што правиме. Колку сме се оддалечиле од реалноста, да се свртиме кон самите себеси, да бидеме пак луѓе, а не восочни фигури, претворени во пиксели…“, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР еминентниот македонски уметник Константин Качев, кој во своето ателје го пронаоѓа балансот на својата внатрешна природа со надворешните влијанија и сето тоа го преточува на платно

Константин Качев, целиот свој живот е доследен на својот ликовен израз. Тој е сликар за кој животот е уметност, а уметност – живот. Токму животот е и неговата најголема инспирација која секогаш одново го тера да влезе во своето ателје и да ја земе четкичката во раце, а потоа со часови да го помине пред платното создавајќи уметност која не познава граници. Качев е роден 1967 година во Ташкент, поранешен СССР, а по преселбата со родителите во Скопје завршува Училиште за применета уметност и потоа ги започнува студиите на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Дипломирал во 1996 по што неколку години работел како надворешен соработник на Заводот за заштита на спомениците во културата во Македонија и реставратор на ѕидно сликарство. Во 2004 два месеца престојувал во Париз, Франција, по што ги имал првите изложби во Сите дес артс во Париз, како и во Њујорк. Богатата професионална биографија на Качев како сликар е исполнета со бројни учества на домашни и меѓународни ликовни настани, а бројни се и наградите кои ги има освоено. Токму во ова интервју со Качев зборувавме за инспирацијата, потребата да се твори и прикаже реалноста на платното кое ќе ја пренесе пораката до оној што го посматра. А најголемо признание за Качев, кој патем, бил и член на хеви-метал бендот “Санаториум“ со неколкуте албумски изданија и серија успешни концерти, како што вели, е неговото дело од кое тој самиот ќе се почувствува исполнет и позитивно истрошен…

 

За да бидеш уметник, велат, потребен е пред се вроден талент. Другите пак ќе речат “без многу работа, упорност и трпение, ништо не се постигнува“. Сметате ли дека за еден уметник и неговиот успех е клучен талентот или можеби желба да се пренесе некоја порака и многу труд?

Трудот, упорноста и трпението се особини кои воопшто се потребни во животот на било кој човек. Да, талентот треба да се има, но тој истиот треба и да се развива, да се надградува… Најтежок е спојот меѓу сите тие физички и духовни елементи (понекогаш толку апсурдни), да се постигне некој баланс на внатрешната природа на самиот уметник со надворешните влијанија, и фактори кои ја прават онаа смеса која те тера да ја исцедиш на платно.

Како всушност започна Вашата приказна поврзана со уметноста. Кои беа иницијалните моменти во вашиот живот кои го предодредија Вашиот професионален пат и дали и денес сметате дека сте го направиле вистинскиот чекор?

Сликам и цртам уште од раното детство, како и сите други. Но, после некој временски  период (7-8 одделение) почнуваш да осознаваш дека нешто во тебе те тера постојано да се искажеш на платно или хартија. Сето тоа е дел од тебе. Не е важно што сликаш. Нормално, во тоа време, не сум ни помислувал дека јас ќе станам уметник. Тоа нешто доаѓа со одредено искуство и време. Треба да се осети од внатре. И…да, мислам дека сум на вистинскиот пат.

Родени сте во Ташкент поранешен СССР. Какви спомени ве врзуваат со овој град и дали и денес бавејќи се со уметноста често се навраќате на тие моменти? 

Апсолутно. Свесно и несвесно. Секогаш спомените ти летаат низ умот. Тоа е (што би се рекло)- “неотуѓив дел од имотот“. Тие се големи колку цела Русија…!

Кој од светски познатите уметници најмногу ве инспирирал со своето творештво и дали можеби имал влијание кое може да се препознае и во вашите дела?

Многу. Од детството ми беа најомилени Иван Шишкин, Ајвазовскиј, Репин… Саврасов, Поленов, Левитан… Многу се. Од западните – Рубенс, Леонардо… Но најголемиот впечаток ми остава Ребрант! Секогаш кога ги гледам неговите слики и во Европа и во Америка – едноставно се чувствуваш немоќен да сликаш и во исто време – благодарен  за тоа што си видел и визуелно допрел нешто величествено.

Кога самите би требало да ја објасните Вашата уметност, кој е Вашиот печат по кој сметате дека сте препознатливи не само во Македонија, туку и во светски рамки?

Ова е најтешкото прашање за било кој уметник. За да го одговорам ќе треба да се најдам од “другата страна на делото“, како гледач, а тоа е невозможно. Невозможно е да бидеш некој друг, освен тоа што си.

Што е она што знае да ве испровоцира, инспирира и натера да влезете во ателјето и да ја фатите четкичката во раце?

Секојдневието. Неправдата, човековата глупост и кратковидост, која ги претвора работите во кошмар, неспособност за размислување и лицемерието. Во суштина-ништо добро. Спрема тоа – можам да сликам 24 часа…

 

Можете ли да ни издвоите некое од Вашите дела кое има посебно значење за Вас и која е всушност приказната поврзана со него?

Има повеќе. Нормално, кога сликаш – не можеш да си задоволен на сите 100 проценти од сите дела. Некои се успешни, некои не (во однос на авторското видување или идеа). Но некои дела успеваат и те како добро да те исцедат до последна капка. Тоа се периоди или циклуси. На пример после војната кај нас, во 2001 та година, добив бронзен медал во Париз за слика “Јас видов се…“ посветена на специјалните единици. Потоа следи период на циклусот “Емигрант“ во кој ја опфаќам историјата на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија низ очите на мојот татко, кој тогаш имал девет години и го преживеал егзодусот. Тоа се “Ркулец“ и “Вон кадарот“. За нив добив Сребрен и Златен медал во Париз, во Гранд Пале. Од последните дела можам да издвојам  “Вирус“ (периодот на карантинот во кој никогаш не поверував). “I`m alive” после страшниот земјотрес во Сирија и Турција…

 Од оваа дистанца кое признание всушност најмногу Ви значи?

Лично за авторот сите признанија се многу важни. Но, секако, признанијата од светските критичари и познавачи на уметност кои се доделуваат во вид на медали, дипломи и плакети се важни и за творечката поддршка на авторите, за нивната сатисфакција. Но, тие не се пресудни за самата работа и развојот на творештвото. Најголемата награда и признание за секој автор – е дело, од кое тој самиот ќе се почувствува исполнет, и позитивно истрошен.

На што работите во моментот, кога може да ја очекуваме Вашата следна изложба со оглед дека сме излезени од еден период на карантин кој многумина сликари го искористија за творење и реализација на нови идеи? Каква е ситуацијата и со изложувања на ваши дела во странските држави и соработката со домашни и странски уметници, но и установи?

Се повеќе се финансирам самиот.  Многу ми е поевтино, пред се во однос на времето, нервите, па и финансиски ако сакате. Надеж во институциите е дефинитивно изгубена, особено последниве неколку години. Ние немаме ни институции, а за функционирање на истите – да не говориме воопшто. Последната изложба ми беше во НЛБ Банка во 2018 г. Најверојатно ќе се појавам во 2024 некаде во Скопје и низ Македонија. За изложби во странство би сакал да се претставам во Србија и Хрватска (никогаш не сум изложувал таму). Нормално, европската дестинација секогаш е актуелна: Франција, Германија, Австрија итн.

Секое дело носи своја порака, секој уметник има свое видување на светот… Која е Вашата порака која сакате да ја пренесете преку својата уметност?

Да се замислиме малку што правиме. Колку сме се оддалечиле од реалноста, да се свртиме кон самите себеси, да бидеме пак луѓе, а не восочни фигури, претворени во пиксели…    Фото: ФБ/Константин Качев

Даниела ТРАЈКОВСКА