ИНТЕРВЈУ, Весна Бендевска: Слободата на здружување не смее да се злоупотребува  

267

Комисијата за спречување и заштита од дискриминција беше првата институција која институционално реагираше на злоупотребата на слободата на здружување и особено сме задоволни што предизвикавме и соодветни реакции и од другите институции. Сега во тек е проверката на 17.000 здруженија, што говори дека институциите конечно сфатија дека слободата на здружување не може да се сфати како апсолутно право и дека не смее да се злоупотребува, доколку ги повредува правата и слободите на другите граѓани, истакна членката и поранешна претседателка на Комисијата, Весна Бендевска, во интервју за весникот ВЕЧЕР .                                            

 Весна Бендевска, поранешна пратеничка на СДСМ од Битола, во три мандата (од 2006 до 2014 година), е член и беше претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Комисијата е колективно  независно тело за еднаквост со основна надлежност промоција, заштита и превенција на еднаквоста, човековите права и недискриминацијата. Комисијата влезе во фокусот на јавноста со случајот со бугарскиот клуб Иван Михајлов-Битола, но тоа е само една од многуте претставки за заштита од дискриминација. По повеќе од две години од започнувањето на работата на Комисијата, побаравме од Бендевска како членка да направи пресек на сето она што досега е постигнато.

Како ја оценувате работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминција, по повеќе од две години работа во неа, како и успехот во спречувањето на влијанието на предрасудите во општеството?

Сметам дека јас, но и моите колеги од Комисијата, можеме да бидеме задоволни, бидејќи успеавме да ја стекнеме довербата на граѓаните. Собранието избра седум членови на Комисијата на 25 јануари 2021 година. Јас бев избрана за прва претседателка на КСЗД, а мандатот ми истече на 3 февруари 2022 година. Моментално, претседател на Комисијата е колегата Исмаил Камбери. По изборот, се соочивме со фактот дека Комисијата нема свои простории, нема административна служба и дека не може да располага со предвидениот буџет, со оглед дека нема вработен со компетенции да врши исплати од истиот. Заради сето ова, една избрана членка веднаш поднесе оставка пред Собранието. Во тој момент останатите се соочивме со фактот дека имаме избор меѓу две можности: или сите веднаш да поднесеме оставки или да се обидеме самите да ги поставиме темелите на институцијата, почнувајќи буквално од нула.

Би напоменала само еден интересен факт, кој веројатно е преседан: членовите со свои сопствени средства ја регистриравме оваа државна институција во Централниот регистар и го набавивме првиот печат, за да можеме да почнеме да ја градиме институцијата!

Тоа изискуваше вонреден напор и многу ентузијазам и волја, но од денешен аспект, слободно можам да речам дека – успеавме! И со право сме горди на постигнатиот успех.

Владата ни обезбеди простории на трајно користење на 1 јуни 2021 година. На 16 јули ги финализиравме првите шест преземања на вработени од други институции, а првата година ја завршивме со служба од десет вработени, набавен основен мебел и технички средства за работа и завршени 169 претставки за заштита од дискриминација.

Кога ме прашувате како би ја оценила работата и успешноста на Комисијата во спречувањето на дискриминацијата во општеството, би истакнала дека самиот факт што бројот на поднесени претставки во втората година беше тројно зголемен, значи дека сè поголем број граѓани покажуваат доверба во оваа најнова институција во нашиот систем.

На самиот истек од рокот, Комисијата за именувања на здруженија донесе негативна одлука за бугарското здружение „Иван Михајлов“ – Битола, по што министерот за правда потпиша решение за негово бришење од Централниот регистар. Дали сте задоволни од начинот и брзината со која се донесе одлуката и што е со прекршочната пријава кон Министерството за правда, бидејќи не направило надзор над бугарскиот клуб во Битола и не го избришало од регистрирани здруженија?

КСЗД ја работеше претставката поднесена од Сојузот на борци од Битола против Здружението Културен центар Иван Михајлов – Битола, за дискриминација по национална и етничка припадност, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во овој случај, Комисијата утврди дека постои продолжено вознемирување, како потежок облик на дискриминација, извршено од страна на Здружението и препорача начин на отстранување на оваа констатирана повреда на правото на еднаквост. Дополнително, Комисијата утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, кое со неизвршување на своите законски надлежности создало услови за да се случи ова вознемирување. Попрецизно, Комисијата го задолжи Културниот центар да ги отстрани сите спорни содржини од името и актите, што го предизвикаа вознемирувањето, во рок од 45 дена, а Министерството за правда да изврши надзор над законитоста на примената на одредбите од Законот за здруженија и фондации, во истиот рок. За жал, ниту Здружението ниту Министерството не ги исполнија препораките на Комисијата. Согласно Законот, доколку субјектот не ја исполни препораката, Комисијата е должна да поднесе барање за поведување на прекршочна одговорност пред надлежен суд и да го направи тоа. Веќе се закажани рочиштата против претседателот на Здружението и против сега веќе поранешниот министер за правда Никола Тупанчевски.

Како ја оценувате соработката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со останатите државни институции во однос на справувањето со ваквите предизвици?

Останува фактот дека КСЗД беше првата институција која институционално реагираше на злоупотребата на слободата на здружување и особено сме задоволни што предизвикавме и соодветни реакции и од другите институции. Сега во тек е проверката на 17.000 здруженија, што говори дека институциите конечно сфатија дека слободата на здружување не може да се сфати како апсолутно право и дека не смее да се злоупотребува, доколку ги повредува правата и слободите на другите граѓани. Во секој случај, сметам дека иако ваквата реакција е задоцнета, сепак придонесува за менување на една констатирана лоша и арбитрарна пракса, која траела долг период.

Наспроти повеќето заложби за полова рамноправност, жените во и понатаму се во подредена положба во општеството, а ова го потврдува и одлуката на Комисијата дека затвореничките во затворот „Идризово“ немаат исти права како затворениците. Како го коментирате постоењето на „дискриминација по пол“ во држава која цели кон усогласување со европското законодавство?

Комисијата постапуваше по претставка за заштита од дискриминација и утврди дека затвореничките во Македонија се дискриминирани по основ на пол и ја заврши својата работа, сега останува другите институции да си ја завршат својата работа.

Кој предмет, односно случај што го работевте или го работите, Ви беше најтежок до сега?

Кон сите случаи Комисијата постапуваше без да прави разлика и со тоа ја стекна довербата на граѓаните. Ова го потврдува и постојаниот пораст на поднесени претставки, од кои поголемиот дел се завршени.

Игор СТОЈАНОВСКИ