Иницијатива на Пелоси: Независна комисија за испитување на немирите во Капитол

28

Упадот во седиштето на американскиот Конгрес на 6 јануари во Вашингтон предизвика шокираност и надвор од земјата. Шест недели по него, владејачките Демократи најавија дека настаните околу Капитол ќе се најдат под лупа на независна комисија. Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, во писмо испратено  до пратениците истакнува дека независна комисија мора да ги испита заднината и последиците на „внатрешниот терористички напад“ и однесувањето на вклучените безбедносни служби. Комисијата треба да работи слично на онаа формирана од Конгресот по терористичките напади од 11 септември 2001 година.

Иницијативата на Демократите доаѓа два дена по неуспехот на постапката за отповикување против поранешниот претседател Доналд Трамп во Сенатот. Демократите таму не успеаја да придобијат доволно републикански сенатори за осуда на Трамп. Независната комисија, според Пелоси, треба да ги истражи и напорите на Трамп да спречи мирно примопредавање на власта.

Демократите го обвинуваат Трамп за подбуцнување на неговите симпатизери за упадот во Капитол на 6 јануари. Против преку 200 луѓе кои продреа во зградата на Конгресот веќе е подигнато обвинение за насилство. Во нападот врз Капитол загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец. Пратениците, сенаторите и тогашниот потпретседател Мајк Пенс биле изнесени од салите за заседавање само неколку минути пред упадот на разјарената толпа. Конгресот тој ден одржуваше седница на која требаше да биде потврден изборот на Џо Бајден за нов претседател.

Капитол од немилите настани наваму останува опколен со бодликава жица, сè уште остануваат ангажирани околу 6.000 војници од Националната гарда за спречување на евентуални нови напади.