Индија престана да издава визи за канадски државјани

160
EPA-EFE/JAGADEESH NV

Индија престана да издава визи за канадски граѓани поради ескалацијата на спорот околу убиството на сепаратистичкиот лидер Хардип Синг Нијар на канадска територија, јавува Би-Би-Си.

Индија соопшти дека потегот се должи на „безбедносните закани“ кои ја нарушуваат работата на нејзините дипломатски претставништва во Канада.

Тензиите се разгореа во понеделникот откако канадскиот премиер Џастин Трудо сугерираше дека Индија можеби била вмешана во убиството на Ниџар, кој беше застрелан во неговото возило од двајца маскирани вооружени лица пред храмот на Сиките во Британска Колумбија.

Трудо рече дека канадските разузнавачки агенции истражуваат дали „агенти на владата на Индија“ биле вмешани во убиството на Ниџар, кој Индија го прогласи за терорист во 2020 година.

Индија ги отфрли обвинувањата како „апсурдни“.

Неколку часа претходно, Канада објави дека го намалува својот персонал во Индија, велејќи дека некои дипломати добивале закани на социјалните мрежи.

Индија жестоко реагираше, велејќи дека Канада се обидува „да го префрли фокусот од терористите и екстремистите од Калистан“ на кои им беше дадено засолниште таму.

Индиската влада често реагираше остро на барањата на сепаратистите на Сиките во западните земји за Калистан, или посебна татковина на Сиките.

Движењето Калистани го достигна својот врв во Индија во 1980-тите со насилен бунт сконцентриран во државата Пенџаб, претежно населена со етнички Сики.