Индиските земјоделци на нови протести во Њу Делхи заради новите неповолни закони

35

Стотици полицајци денеска се распоредени околу престолнината Њу Делхи, откако илјадници земјоделци од соседните држави ги блокираа главните патишта кон главниот град, во знак на протест против новите закони што им даваат поголема моќ на корпорациите и ја намалуваат нивната заработка.

Само еден ден по вчерашните судири што завршија со договорот дека земјоделците можат да  демонстрираат во главниот град, тензиите повторно се зголемија поради законите што ги тераат земјоделците да стравуваат дека можат да бидат лишени од минималната загарантирана цена на нивните производи, јавуваат британските медиуми.

Земјоделците, кои вчера пристигнаа со камиони, автобуси и трактори на границата меѓу Њу  Делхи и државата Харијана, утринава го блокираа главниот автопат кон главниот град, извикувајќи пароли против владата на премиерот Нарендра Моди и веејќи црвени, жолти и зелени знамиња на земјоделските синдикати.

Британските медиуми пренесуваат дека, се чини, оти земјоделците се подготвени за долг протест, одбивајќи да се преместат на локацијата наменета за демонстрации, што ги зголемува стравувањата дека може да дојде до нови судири со безбедносните сили.

Полицијата вчера употреби солзавец и водени топови за да ги разбие демонстрациите, по што им дозволи да маршираат кон главниот град.

Извор:МИА