Избрани финалистите за Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2021“

63

Годинашни финалисти на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2021“ се: Милчо Мисоски (Струга), Невен Лукачевиќ (Риека-Хрватска), Владо Поповски (Скопје), Сања Нечовска (Скопје), Аида Ораховац Куч (Подгорица-Црна Гора), Елмин Елези (Скудриње, Општина Маврово и Ростуше), Елизабета Дончевска Лушин (Струмица), Фросина Тасевска (Штип), Соња Карбева (Велес) Георгина Петреска (Скопје), Тони Павлески (Прилеп) и Ориада Дајко (Тирана-Албанија).

Организаторите на „Литературни искри 2021“ во Гостивар ги објавија имињата на поетите кои ќе конкурираат за фестивалските награди: Гран при, Прва, Втора и Трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра. Наградите се плакети, дипломи и признанија.

„Нумерологијата за бројот 12 меѓу другото вели дека е симбол на универзумот, на постоењето. Случајно или не, меѓу овие 12 финалисти, се чувствува пулсирањето на еден новосоздаден универзум богат со почетнички ентузијазам и потреба да се чуе кажаното и остане забележано напишаното“, потенцираше Вања Изова Велева, претседателка на жири комисијата за избраните финалисти.

Таа оценува дека „Литературни искри“ е можност за вознесување нови имиња во светот на поезијата или потврдување на веќе етаблираните автори, но сите подеднакво ја имаат можноста да бидат забележани и препознаени преку анонимноста во изборот.

Годинешното издание ќе се одржи „онлајн“ на 23 мај на Фејсбук страницата на фестивалот заради пандемијата. Поетскиот фестивал се одржува во чест на Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.