Избегната смртна пресуда: Семејството на новинарот Кашоги им прости на неговите убијци

242
Џамал Кашоги

Семејството на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги соопшти дека им проштева на неговите убијци, јавува aгенцијата „Анадолија“.

„Во оваа благословена ноќ од овој благословен месец (Рамазан) се присетуваме како Господ вели: Ако човек прости и се помири, нему му следува награда од Алах. Затоа, ние, синовите на маченикот Џамал Кашоги, барајќи награда од семоќниот Господ, објавуваме дека им проштеваме на оние што го убија нашиот татко“, напишал Салах, синот на Џамал, на „Твитер“.

„Ова во основа значи дека убијците ќе ја избегнат смртната казна, бидејќи (според шеријатот) семејството има право да прости“, изјавил аналитичарот близок до саудиската влада, Али Шихаби.

Саудискиот новинар Џамал Кашоги, колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“, беше убиен во Саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври 2018 година.

По неколкудневни негирања, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а дополнително Судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни на петмина обвинети. Уште тројца обвинети добија затворски казни во траење од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Селман се ослободени од сите обвиненија. Телото на Кашоги не беше никогаш пронајдено.

Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации, во извештајот на 101 страница, тврди дека убиството на Кашоги е чин кој Саудиска Арабија го извршила со предумисла. Во извештајот се наведува дека постојат докази за неопходноста од спроведување на истрагата за вмешаност на највисоките саудиски официјални претставници во тоа убиство, вклучувајќи го и принцот Бин Селман.