Уставниот суд ќе ги оценува Статутот и Програмата на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ од Битола и Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трери“ од Охрид откако партијата Левица и адвокатот Тони Менкиновски поднесоа иницијативи за оценка на уставноста. Од Левица побараа Основното јавно обвинителство во најбрз можен рок да постапи по нивните иницијативи за забрана на работата на фашистичките клубови во Битола и во Охрид.

Од Левица информираа дека поднеле иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија, како орган надлежен за оценување на уставноста на статутите и програмите на здруженијата на граѓани, за да оцени дали Статутот и Програмата на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ – Битола се спротивни на членот 110 и членот 112 од Уставот.

– Очекуваме Уставниот суд да застане во одбрана на Уставот, темелните уставни вредности и законот, и да ги поништи основачките акти на овој неофашистички клуб, кој непречено од профашистичките СДС и ДУИ шири иредентистичка пропаганда и промовира фашистичка идеологија во Македонија. Во Статутот и Програмата на Здружението се наведува дека мисијата и целта на Здружението се промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов, според чија идеологија македонската нација и јазик не постојат! – стои во соопштението од Левица.

Евидентно е, додаваат од оваа партија, дека со ваквите програмски цели и мисија, дејствувањето на Здружението е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување национална омраза и нетрпеливост, но и кон негирање на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ.

– Имајќи предвид дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, секоја форма на здружување и изразување насочени кон негирање на посебноста на македонската нација се директна иредентистичка закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката, па оттука неопходна општествена потреба и уставна обврска е истите да се забранат! Го повикуваме и Основното јавно обвинителство во најбрз можен рок да ја спречи рехабилитацијата на фашизмот во Македонија и да постапи по иницијативите на Левица за забрана на работата на фашистичките клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван Михајлов“! – истакна Левица во денешното соопштение.

Уставниот суд вчера информираше дека е оформен предмет во кој се оспорени Статутот и Програмата на Здружението „Културен центар Иван Михајлов”.

– Предметот се наоѓа во почетна фаза, односно во претходна постапка и е предаден на работа кај советник на Судот и судија, кои во следниот период треба да подготват реферат со конкретен предлог по кој Уставниот суд ќе одлучува на седница. Подносител на иницијативата е политичката партија Левица. Подносителот наведува дека оспорените Статут и Програма се спротивни на членот 20 став 2 од Уставот затоа што, според него, се насочени кон разгорување национална или верска омраза или нетрпеливост. Во иницијативата е наведено дека дејствувањето на Здружението е насочено кон уривање на уставниот поредок на Републиката и разгорување национална омраза и нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти – стои во соопштението од Уставниот суд.

Оттаму информираа дека е оформен и предмет во кој се оспоруваат Програмата за работа и Статутот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид.

– И овој предмет се наоѓа во рана фаза – претходна постапка во која се прибираат потребните информации. Подносител на иницијативата е адвокатот Тони Менкиновски. Во иницијативата се наведува дека оспорените акти се противуставни, бидејќи се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, негирање на неговата самобитност и разгорување национална омраза или нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти – посочија во соопштението од Уставниот суд.

(И.С.)