Зошто млекото во маркетите се продава по 70 денари кога за суровината се плаќа 13 денари?!

Сточарите бараат зголемување на откупната цена на суровото млеко. Велат дека нема логика во маркетите пастеризираното млеко да се продава по 70 денари, јогуртот за над 60 денари, а суровината да се откупува по 13 денари за килограм. Со оглед на поскапувањата на струјата, нафтата, сточната храна, производствената цена на млекото е значително зголемена, а откупната не е променета 12-13 години

1025

Сточарите бараат зголемување на цената на млекото, кое млекарниците го откупуваат во просек по цена од 20 до 24 денари за литар. Велат дека нема логика во маркетите пастеризираното млеко да се продава по 70 денари, јогуртот за над 60 денари, а суровината да се откупува и по 13 денари. Со оглед на поскапувањата на струјата, нафтата, сточната храна, производствената цена на млекото е значително зголемена, а откупната не е променета 12-13 години.

– Треба да се следи трендот на инфлацијата и да се зголемат и откупните цени на суровото млеко. Освен трошоците за производство, зголемени се и транспортните трошоци и цената на работната рака, а млекото со години се откупува по иста цена. Откупната цена на кравјото млеко во просек е 23-24 денари, а на овчото – 45-50 денари. Пастеризираното млеко во маркетите се продава по цена од околу 70 денари, која е повисока за скоро 300 отсто од суровината. Да не зборуваме за сирењето, кое се качи над 300 и кашкавалот над 400 денари за килограм – вели за ВЕЧЕР Никола Георѓиев, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.

Според него, ниската откупна цена на млекото е една од причините за намалување на сточниот фонд во државата. Откупната цена треба да се зголеми за 20 до 30 отсто и тоа нема значително да влијае на крајната цена на млечните производи, односно нема да предизвика нивно зголемување, додава Георѓиев.

– Цената на сточната храна од лани досега е за 100 отсто повисока, а откупната цена на млекото не е променета 12-13 години. Ако се покачило за 2 денара, односно за 20 отсто, тоа е ништо во споредба со трошоците, кои се зголемени за минимум 100 отсто во однос на лани. Само сојата е качена за 300 отсто. Откупната цена на млекото варира и се движи од 13 до 24 денари, зависи од квалитетот и понудената количина – вели за ВЕЧЕР Стеванче Јорданоски од Националната федерација на фармери и производител на кравјо млеко.

И тој смета дека нема логика откупната цена на млекото да не остане непроменета со години, а цените на млечните производи во маркетите секојдневно да растат. Килограм кравји кашкавал се продава од 400 до 500 денари, а сирењето за над 300 денари за килограм.

– Откупната цена на млекото треба да биде минимум 32-33 денари за литар со сопствена храна. Ако немаш сопствено производство на храна и 50 денари да е, ќе бидеш во загуба. Зимава, тие што немаа сопствена храна, освен тоа што мораа да ја платат многу скапо, не можеа да ја најдат, немаше луцерка, немаше соја… – вели Јорданоски.

Производителите на млечни производи, пак, велат дека цената на суровото млеко за една година се зголемила за 20 до 30 отсто, а растот на цените на млечните производи се должи на растот на влезните трошоци, струјата, нафтата, гасот…

(А.С.)