„Златна потковица“ на „Астерфест“ за филмот „Мари“ на Панајотис Краварис

64

„Златна потковица“ за најдобар краток игран филм на јубилејното петнаесетто издание на струмичкиот интернационален филмски фестивал „Астерфест“, што се одржа онлајн од 28 до 31 август под мотото „Движења, патеки“, ја доби филмот Мари на Панајатис Краварис.

Одлуката едногласно ја донесе стручното меѓународно фестивалско жири во кое заседаваа Маријан Цуцуи (Букурешт), Елени Чандрину (Брисел) и Горан Радовановиќ (Белград),кое во образложението на одлуката кажа дека „филмот маѓепсува со приказната за предрасудите и љубовта на прв поглед, едноставна и веродостојна, но која што содржи извесен шарм и прилично изненадувачки крај“.

„Сребрена потковица“ за најдобар краток анимиран филм доби „Потеклото на човекот“ на Пјотр Сапегин, а „Бронзена потковица“ доби кратиот филм „Зомбија“ на Балоџи Чијани.

Специјалната награда „Ацо Алексов“ му припадна на „Телефонско дежурство“ на Ленар Камалов за прикажување на изненадувачки емотивната слика за модерната војна, а специјалната награда „Ѓорги Абаџиев“ му припадна на „Еден од другите“ на Петра Злонога за нејзиниот имагинативен експериментален анимиран филм.

Фестивалот „Астерфест“ кој од основањето до денес е посветен на кусометражната филмска форма, оваа година поради пандемијата првпат целосно се одржа онлајн, а симболично заврши вечерва со прикажувањето на документарниот филм „Циркуски движења“ на Лукас Бергер и Марио Гаџо де Карваљо.