Наградата „Златна камера 300“ на 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ му припадна на кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“ – „за деликатниот и осетлив начин на која камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север“. Одлуката на затворањето на фестивалот вчеравечер ја соопшти претседателот на жирито Суки Меденчевиќ кој истакна дека убаво е кога може да се види како самите кинематографери признаваат дека работите се дел од тимски напор и дека кинематограферот е налик на диригент кој го раководи оркестарот и дава ритам. „Да се биде член на жири е и доста интимна работа затоа што сите цениме различни нивоа и тоа ја прави одлуката тешка, но во овој случај одлуката беше лесна на сите пет члена на жирито“, рече Меденчевиќ. Лауреатот Јани-Петери Паси, пак, преку видео-порака рече дека иако веќе ја има добиена оваа награда толку многу се возбудил која му било соопштено што се разбудил среде ноќ и останал буден до изутрината. „Благодарам Битола, за жал не можев да бидам таму оваа година. Беше големо изненадување за мене, истовремено чест да се добие повторно ова големо признание. Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите“, рече Паси.

„За деликатната камера што нè приближува до ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејсаз на Осло“, „Сребрената камера 300“ се додели на Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“. Заблагодарувајќи се за признанието со видео-порака, Туксен рече дека целиот тим има заслуга за овој успех. „Бронзената камера 300“, пак, ја доби кинематограферот Рубен Импенс за филмот „Титаниум“. „Многу сум среќен, му благодарам на жирито што ја препозна и награди мојата работа. Жалам што ме успеав да дојдам во Битола. Многу сум среќен што ја цените нашата работа“, рече во видео-порака Импенс. Како што посочи членот на жирито Димо Попов наградата Импенс ја добива заради „бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил“.

Наградата „Мала камера 300“ за краткометражен филм, пак, ѝ се додели на кинематограферката Жоана Силва Фернандеж за филмот „Низ маглата“ за смелото, интуитивно, но истовремено минималистичко користење на визуелното раскажување. Заблагодарувајќи се за наградата со видеопорака, Жоана упати благодарност и до режисерот Диого Салгадо за можноста неговата приказна да ја раскаже таа преку слики. „Навистина сум почестена и среќна што ми е доделена оваа награда токму на фестивалот каде се слави работата на кинематограферите“, рече Силва.

На затворањето на фестивалот директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски рече дека и покрај сите препреки и предизвици со кои се соочиле во изминативе неколку месеци, успеале да ја продолжат магијата и да ја отсонуваат приказната до розов хепиенд. „По 16 септември со вашите и наши прекрасни лауреати и со извонредното меѓународно жири поминавме шест беспрекорни денови во Битола. Имавме извонредни натпреварувачки програми, одржавме три филмски работилници, имавме исклучителни шест прес-конференции и неколку млади девојки и момчиња имаа можност да научат како да снимаат филм за првпат во животот, една група деца имаше можност да види интересен детски филм. И за тоа време не се случи никаков технички проблем или прекин“, додаде Дамевски.