Ако некогаш сте се запрашале како би изгледал најдобриот ден на работа во вашиот живот, Џру Холидеј (31) би можел да ви даде одговор на тоа прашање.

Кошаркарот на Милвоки стана побогат за 306.000 долари откако одигра цели осум секунди на последниот натпревар од регуларниот дел од сезоната во НБА лигата.

Милвоки во неделата вечерта пристигна во Кливленд за да го одигра последниот 82-ри меч во регуларниот дел од сезоната, а Холидеј дојде да ја исполни својата обврска и да заработи сериозен бонус, практично без работа.

За што всушност се работи? Во договорот со Бакс, Холидеј имаше клаузула според која би заработил бонус од 306.000 долари доколку забележи барем 67 настапи во сезоната. До овој меч Холидеј имаше 66 натпревари покрај своето име и тоа беше неговата последна шанса да ја исполни потребната квота. Против „коњаницата“ беше во стартната петорка, но не се задржа долго на теренот. По само осум секунди направи намерен фаул и веднаш го напушти теренот.

Коментаторите се изнасмеаја на оваа работа што ја заврши Холидеј, а веруваме дека ќе има насмевка на неговото лице по „најдобриот работен ден“ што можеше да го има.

Инаку, Холидеј оваа сезона доби 30 милиони долари, а неговиот договор во Милвоки му гарантира уште 135 милиони до 2025 година. Тој во најсилната кошаркарска лига е од 2009 година, а беше избран како 17. пик на драфтот од страна на Филаделфија. Покрај овие два тима играше и за Њу Орлеанс. Оваа сезона тој бележи во просек по 18.6 поени, седум асистенции и пет скокови по натпревар.