„За“ и „против“ изградба на спорната мини хидроцентрала на Мала Река

273

Зелената партија ДОМ ѝ се придружува на граѓанската иницијатива Грин.Орг за распишување на референдум за изјаснување на граѓаните на Кочани за изградба на мала хидроелектрана на Мала Река. Од ДОМ сметаат дека со барањето на Грин.Орг се исполнети сите законски услови и она што преостанува е Советот на општина Кочани на својата следна седница да го стави граѓанскиот предлог на гласање и да се произнесе по однос на барањето од граѓаните.

– Ние, како Зелени, сме апсолутно против изградбата на оваа мала хидроелектрана, која е на едната од двете притоки на езерото Градче, на само стотина метри од границите на зоната за строга заштита „Голема Река”, и е во територијата на заштитеното подрачје Осогово. Количините на потенцијално произведената електрична енергија од Мала Река се толку многу мали, што не можат во никој случај да ја надополнат штетата, која хидроелектраната трајно ќе ја нанесе врз автохтониот природен потенцијал и биодиверзитетот на овој дел од Осогово, кој е дом на ендемски видови животни и растенија, поради што и не случајно е прогласен за заштитено подрачје, а дел од планината и меѓународно е препознаена како ИБА – зона од витално значење за популацијата на загрозени видови птици – велат од ДОМ.

Од Зелената партија сметаат дека градежните зафати за изградба на електраната несомнено ќе влијаат и врз зоната за строга заштита на Голема Река, а Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот веќе даде негативно мислење за изградбата и поради оцената дека овој проект ќе има штетно влијание врз туризмот и туристичкиот потенцијал кој го крие овој регион.

Ана Симонова од Грин.Орг вели дека очекуваат одговор од правна служба во Општина Кочани за тоа дали е законско и правно издржано нивното барање за распишување на референдум за мала хидроцентрала.

– Како здружение претходно го консултиравме организаторот на референдум во Гевгелија, лидери на две партии кои се за заштита на природата, го прочитавме законот и се консултиравме со правници како и лидери на најголемите и највлијателни здруженија во Македонија. Советот на Општина Кочани може и е надлежен за распишување на референдум во врска со прашања што ја засегаат Општината, па макар и да била одржана јавна расправа во врска со изградба на мала хидроцентрала, а како што се изјаснија сите, никој не се сеќава дека била. Се надеваме дека Советот на општината ќе го стави како точка на дневен ред и едногласно ќе го изгласа, со што ќе го избере и најсоодветниот термин за референдум, а со тоа ќе ја заштити и животната средина како и Брана Градче која е обележје на град Кочани – вели Симонова.

Грин.Орг пред извесно време има поднесено и кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кочани, но оттаму сè уште немаат одговор.

– По однос на нашата кривична пријава во која имаме конкретно наведено кои документи недостигаат за изградба на хидроцентралата (извештај, записник за јавна расправа и сите елементи околу нејзино одржување), ОЈО се нема изјаснето, ниту имаме добиено одговор – вели таа.

По најавите за собирање потписи и организирање локален референдум, концесионерот „ДИС Енергија“ реагира на опструирања и постојан притисок. Компанијата известува дека сите процедури во постапката за добивање дозвола за градба се испочитувани.

– За изградбата на малата хидроцентрала блиску до акумулацијата Градче, на барање на граѓанскиот сектор, ОЈО Кочани покрена случај за преиспитување на регуларноста за издавање согласност за градба кој заврши со позитивно мислење за инвеститорот. Локалната самоуправа на Кочани ја доставила потребната документација до обвинителството, со цел да се утврди фактичката состојба, по што обвинителството писмено ја известило Општината дека нема законски пропусти и дека инвеститорот постапил соодветно на одредбите. Поради почитувањето на сите процедури од страна на инвеститорот и отсуството на правни пречки, надлежните се обврзани да издадат градежна дозвола – се вели во соопштението на концесионерот.

Од ДИС Енергија истакнуваат дека за изградбата на мала хидроцентрала под Пониква, покрај позитивното мислење од обвинителството и постапувањето согласно одредбите, компанијата дала најповолна понуда на јавното лицитирање за прибирање понуди и отворила банкарска гаранција во износ од 765.000 денари.

– На 11 април 2018 година, уредно е склучен концесиски договор, а 15 дена подоцна компанијата платила еднократен надоместок за концесија во износ од 689.500 денари. Во однос на прибирањето на потребните дозволи, „ДИС Енергија“ како концесионер има добиено дозвола за користење на вода, инфраструктурен проект како инвестиционо-техничка документација од страна на Општина Кочани и решение за комуналии – нагласуваат од компанијата и велат дека со потпишувањето на договор за комуналии, кој е последен документ во постапката пред издавање на одобрение за градба од страна на надлежните, постапката била успешно завршена.

(С.Бл.)