Ќе има ли суспензија на ДУП „Ново Маало 2“ ?

261

Откако Општина Центар ќе го добие мислењето од Министерството за транспорт и врски и Комисијата за урбанизам, одлуката за тоа дали ќе биде целосно суспендиран ДУП Ново Маало 2, како и во однос на останатите ДУП, останува во рацете на советниците кои треба да ја донесат на седница на Советот на Општина Центар  

Полека истекува рокот кога до 17 јуни Министерството за транспорт и врски треба да се изјасни за тоа дали е потребна делумна или целосна суспензија на 11 детални планови на Општина Центар, вклучително и за ДУП „Ново Маало 2“ каде што е предвидено да се гради комплекс со три облакодери од 15, 20 и 25 катови.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска потврди дека до нив сè уште не пристигнало мислењето од Министерството за транспорт и врски.

Општина Центар до Министерството за транспорт и врски достави вкупно 11 елаборати за делумна или целосна суспензија на детални урбанистички планови, вклучително и овој за „Ново Маало 2“, но ниту од министерството, ниту од Општина Центар се изјаснија колку од нив се за делумна, а колку за целосна суспензија.

Конкретно, за ДУП што го опфаќа паркингот спроти „Холидеј ин“, како што информираа од Министерството за транспорт и врски, доставен е елаборат за целосна суспензија на планот. Министерството за транспорт и врски има рок до 17 јуни да даде свое мислење за сите околности и аргументи што се предмет на елаборатот.

Оттаму се изјаснија дека како министерство тие не носат одлука за суспензија на планот туку само го даваат своето стручно мислење со сите аргументи и околности, врз основа на што, потоа Советот на Општина Центар носи одлука дали ќе го суспендира планот или не.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, тогаш изјави дека преку електронскиот систем постојано доставуваат податоци и потоа се прави поклопување на актуелниот ГУП со соодветниот ДУП и се гледа каде параметрите отстапуваат.

– Тоа мора да го кажат Комисијата за урбанизам и Министерството за транспорт и врски. Се работи на многу детални планови. Тоа се оние за кои сметаме дека не се усогласени со ГУП. Кога ќе добиеме конечни извештаи од Комисијата за урбанизам и од Министерството за транспорт и врски, ќе се знае сè – објасни Богдановиќ и појасни дека откако ќе го добијат мислењето од Министерството за транспорт и врски и Комисијата за урбанизам, одлуката останува во рацете на советниците кои треба да ја донесат на седница на Советот на Општина Центар.  

Жителите на Ново Маало, кои како што велат со децении живеат во супстандардни услови, се подготвени да ги земате работите во свои раце доколку Советот на Општина Центар даде зелено светло за суспензија на планот кој предвидува изградба на висококатници на паркингот спроти „Холидеј ин“, бидејќи, како што потенцираат, и тие сакаат комфорно да живеат.

Тие поднесоа и петиција до Општина Центар и до Владата во која наведуваат дека нема веќе да молчат и да го трпат ова. Жителите се консултирале со правници, експерти и се подготвени да тужат доколку се случи суспензија на планот.

Компанијата „МГ Фешн“, кој ќе биде инвеститор на комплексот со високатниците  и која и официјално го претстави проектот, пак во консултација со својот адвокатски тим, информира дека има основа за целосно легитимна правна постапка за претрпена штета, доколку Општина Центар донесе одлука за суспензија на деталниот урбанистички план со кој е засегната МГ Фешн како инвеститор на проектот Гранд Скопје.

– Евентуалното прифаќање на иницијативата да се искористи законската можност за суспензија на планот за градење, од страна на Општина Центар, ќе предизвика огромна материјална штета врз нас како инвеститор, на и онака веќе претрпената штета во изминатите три години како последица на мораториумот – неуставна и незаконска мерка, која дури два пати беше поништена со Одлука на Уставниот суд – истакнаа од „МГ Фешн“.

(А.П.)